Претставата „Мир“ од театарот „Идиоти“ од Сеул, Јужна Кореја го освои жирито на Фестивалот на античка драма (ФАД) Стоби. Претставата работена според грчкиот драматург Аристофан ги доби сите четири награди на ФАД: Гран при за најдобра претстава, за режија на Ли Сангмјунг и за машка и женска улога како колективна награда за целиот ансамбл.
„’Мир’ ги има сите квалитети на ангажиран театар, во кој блескаат и режијата и индивидуите и ансамблот. Испраќа моќна порака во одбрана на човекот и човештвото, изложени на насилство и алчноста кои се закануваат да ја сотрат цивилизацијата. Имавме успешен фестивал, со квалитетна програма, публика која уживаше во претставите и задоволни гости“, кажа режисерот Ненад Витанов кој беше член на жирито. Во жирито беше и актерката Маја Љутков, а претседател на жирито режисерот Владимир Милчин.
Актерите од Сеул, преку игра, танц и кореографија на познати музички нумери ја одиграа претставата, што е сосема различно толкување на античката драма во однос на европските видувања. Во претставата „Мир“ тие испраќаа јасна и недвосмислена порака за поддршка на настраданите и жртвите во војната во Газа.
На 21 издание на ФАД се одиграа пет претстави на театри од Сараево БиХ, Будимпешта Унгарија, Сеул Јужна Кореја, Пловдив Бугарија и Скопје. Бидејќи античкиот театар во локалитетот Стоби се реконструира, неколку години наназад, но и во следните години додека не се завршат конзерваторските работи таму, тој ќе се одржува на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
П. ПЕЧКОВ