РАДОВАН РАЃЕНОВИЌ, ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН МАЈСТОР НА АРХИТЕКТУРА, НАГРАДЕН СО „АНДРЕА ДАМЈАНОВ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    РАДОВАН РАЃЕНОВИЌ, ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН МАЈСТОР НА АРХИТЕКТУРА, НАГРАДЕН СО „АНДРЕА ДАМЈАНОВ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

    Асоцијацијата на архитекти на Македонија на архитектот Радован Раѓеновиќ вечерва му ја врачи наградата „Андреа Дамјанов“ за животно дело и достигнувања во архитектурата. Потписот на Раѓеновиќ се наоѓа на многу станбени, туристички и угостителски, деловни, индустриски и меморијални објекти создавани изминативе 50 години на различни страни во светот.

    Раѓеновиќ ја прими наградата укажувајќи дека ја чувствува како признание за пет децении работа и нагласи дека архитектурата им ја остава на младите на кои им советуваше дека треба да се обединат, посебно во вакви времиња, за да создаваат вистински вредности во архитектурата.

    Архитектот Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија за Раѓеновиќ рече дека е архитект во вистинска смисла на зборот, кој не само што креира, туку останал доследен на својата архитектура и успеал да го пренесе она што го знае, а знае, според Пановски многу.

    „Раѓеновиќ  е жив доказ дека за да се добие ваква награда архитектот не треба да е само добар, туку да покаже жар за архитектурата. Таков е годинашниот добитник“, рече Пановски.

    Архитектот Мартин Гулевски, претседател на комисијата за доделување на наградата, образложувајќи зошто токму Раѓеновиќ е годинашниот добитник, потсети дека неговиот труд е вграден во проектантските бироа „Алумина“- Скопје, „Мавровопроект“-Скопје, „Технометал“- Москва, „Будимекс“ – Л’вов и „Студио Р“ – Скопје, кои се вистински влог во архитектурата на Република Македонија.

    „Тешко е да се избројат општините, градовите и државите во кои Раѓеновиќ оставил неизбришливи траги. Откако во 1972 година ги завршува постдипломските студии во ’Бауцентрум’, Ротердам, Холандија, тој и во пракса и по статус станува интернционален мајстор на архитектурата. Созадавал дела во Македонија, Црна Гора, Србија, Украина, Чешка, Ирак, Грција, Либија, Азербејџан, Казахстан, Русија“, објаснува сега веќе покојниот Глигор Чемерски, член на МАНУ и почесен член на Руската академија на науки и уметности, во препораката за номинација на Раѓеновиќ за наградата.

    Неговите дела се слика на модерниот и современ дух на архитектурата. Меѓу нив се деловниот објект и спортска медицина под Кале во Скопје, хотелот „Електро-Скопје“ во Маврово, Олимписки базен Скопје, „Еуротел –Струга“, хотелски комплекс Запољарје, Сочи Русија, споменикот на слободата во Кочани и ред други како во Македонија така и низ светот.

    Наградата „Андреа Дамјанов“ ќе ја прошири збирката награди и принанија на Раѓеновиќ меѓу кои се повелбата за почесен граѓанин на Кочани, „Грамата“ на град Запорожје, Украина и дипломите за афирмација на македонската архитектура во странство од 1985 година и за реализирани објекти 1981-1982 година, како и дипломата за труд од областа урбанизам, проектирање, ентериер и дизајн 1985 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира