РОТЕРДАМ ОТВОРА СО „МУНК“, СЕ ВРАЌА В КИНО ПО ДВЕ КОВИД ГОДИНИ

    РОТЕРДАМ ОТВОРА СО „МУНК“, СЕ ВРАЌА В КИНО ПО ДВЕ КОВИД ГОДИНИФилмот на Хенрик Мартин Далсбакен е за животот и уметноста на норвешкиот сликар Едвард Мунк. (Фото: ИФФР)

    „Мунк“, повеќеслоен есеј на Хенрик Мартин Далсбакен за животот и уметноста на норвешкиот сликар Едвард Мунк, го отвора вечерва 52. филмски фестивал во Ротердам, една од најголемите смотри за авторски филм во светот. По две ковид онлајн и хибридни изданија, фестивалот годинава целосно се враќа в кино.

    Ќе биде претставено и „Сончева држава“, уметничко дело на Стив Меквин, режисер оскаровец и уметник лауреат на Тарнеровата награда, нарачано од фестивалот. Француската кинематограферка Хелен Луварт е добитничка на наградата „Роби Милер“ за 2023.

    Дел од селекцијата за Златен тигар. (Фото: ИФФР)

    „Во обликувањето на годинешната програма остануваме посветени на патот што си го поставивме: славење на големиот екран во сиот негов сјај и гледање таму каде што другите не гледаат. Целата наша програма, полна со изненадувања, е доказ за тоа. Покрај оние филмски култури кои традиционално се силно присутни на фестивалот, во годинешните селекции за Тигар, Голем екран и за краток филм се и филмови од Шри Ланка, Камерун, Украина, Доминиканската Република, Мароко и Тајван, меѓу другите. Од извонредните дебитанти, до големите филмски мајстори и нашите специјално нарачани уметнички дела на Стив Меквин, наше вистинско задоволство е да ја споделиме разновидната постава на Ротердам 2023“, рече за селекцијата директорката на фестивалот Вања Калуѓерчиќ.

    Главната конкуренција за наградата Златен тигар е платформа за новите филмски таленти и има 16 први, втори или трети филмови на авторите. Жирито ќе додели три награди, Златен тигар со 40.000 евра и две специјални награди од жирито со по 10.000 евра.

    Дел од селекцијата во Голем екран. (Фото: ИФФР)

    Во конкуренцијата Голем екран се 16 филмови, а наградата ја доделува жири од публиката. Победничкиот филм добива загарантирана кинодистрибуција во Холандија и ќе се емитува на холандската телевизија од ВПРО и НПО, а се доделува награда од 30.000 еврашто ја делат режисерот и дистрибутерот на филмот. Победниците во селекцијата за краток филм добиваат по 5.000 евра.

    Покрај селекциите за награди, Ротердам има и бројни програми за разновидни флмски истражувања и експериментални дела, отворени разговори со автори, а истовремено се одржува и филмскиот маркет Синемарт.

    Меѓу најавените автори кои ќе дојдат во Ротердам годинава се и Стив Меквин, Дарен Аронофски со „Китот“, Џералдина Чаплин, Улрих Зајдл со светската премиера на „Злобни игри Римини Спарта“, Наоми Кавасе, Матје Амалрик.

    „Сеиндиски ранг“ на Варун Гровер, духовит портрет на аспирациите на средната класа на Индија и притисоците врз нејзините деца, ќе го затвори фестивалот на 5 февруари.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира