СЀ УШТЕ Е БАУК ЖЕНА ДА ЗЕМЕ ТРУБА И ДА СВИРИ, ВЕЛИ ТЕХАМАНА ЛАЗАР, ЕДИНСТВЕНАТА ТРУБАЧКА ВО МАКЕДОНИЈА

    СЀ УШТЕ Е БАУК ЖЕНА ДА ЗЕМЕ ТРУБА И ДА СВИРИ, ВЕЛИ ТЕХАМАНА ЛАЗАР, ЕДИНСТВЕНАТА ТРУБАЧКА ВО МАКЕДОНИЈАТрубачката Техамана Лазар вечерва на Танц фест ќе свири и пее со Тони Китановски и оркестарот Черкези, во претставата „Проширување на објективот“, проект на фестивалот МакеДокс и танцовата компанија „Далас блек денс театар“ од Тексас, САД (Фото: МакеДокс)

    „Сè уште е баук во Македонија жена да земе труба и да свири“, вели 44-годишната Техамана Лазар од Куманово, единствената трубачка во Македонија. Таа работи на две места, предава ромски јазик во училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шутка и како професор по музика во училиштето „Рома рок скул“. Таму предава вокал, солфеж и труба, и не изучуваат само ромска музика, туку си други музички правци.

    Лазар е дел од проектот„Ширење видици“ – партнерски проект меѓу Фестивалот документарци МакеДокс и танцовата компанија „Далас блек денс театар“, финансиран од програмата Поврзување на заедниците преку наследство на Стејт департментот на САД. Танчарите од Далас  на музика на Тони Китановски подготвиле претстава „Проширување на објективот“, која ќе се изведе вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ), како дел од 15. Танц фест. На сцената ќе бидат и Лазар, која ќе пее и ќе свири на труба и  оркестарот Черкези. „Далас блек денс“ оваа година прославува 42 години од основањето и е најстара танцова компанија во Далас, САД, составена од 12 танчери, кои изведуваат разновиден репертоар, како модерен танц, џез, современи танцови кореографии со примеси на етно и спиритуални елементи.

    Лазар вели дека нејзиниот татко е трубач и дека од мала се заинтересирала за тој инструмент, а како и секое дете, вели, сакала да се обиде да учи да свири.

    Техамана Лазар со танчарите во Далас минатиот месец (Фото: МакеДокс)

    „Кога се обидував да учам да свирам, излегуваше тон, што е многу чудно за едно девојче. Кога се запишав во нижо музичко училиште, сите ме прашуваа што сакаш да свириш, а јас одговарав труба. Секој инструмент си има свои потешкотии, не можам да речам дека немав проблеми. Потребно е многу вежбање и што е можно повеќе да се посветите на инструментот. Многу се израдував кога слушнав дека две девојчиња од ’Браќа Рамиз и Хамид’ сакаат да свират на труба. Тие почнаа да импровизираат со хорна, но мали се, почетници. Ќе видиме дали ќе доаѓаат на часови“, вели Лазар.

    „Ширење видици“ претставува славење на автентичните културни наследства на Афроамериканците во САД и на Ромите во Македонија.

    „Во филмот кој се снимаше во Далас и кој се снима деновиве во Скопје, јас сум лик кој треба да го претстави ромското општество, култура, музика, јазикот“, вели Лазар (Фото: МакеДокс)

    „МакеДокс и ’Далас блек’ соработуваат во овој проект за да ги водат танчарите, музичарите и филмските творци низ истражувањето на овие култури, кулминирајќи со завршен среднометражен филм кој ќе ги претстави и зачува и двете култури“, вели Кирјана А. Николоска, координаторка на проектот.

    Екипа од МакеДокс, заедно со Техамана минатиот месец биле во Далас, а пак танчарите од Далас од минатата недела се во Скопје.

    „При посетата во Далас, имавме можност да научиме за други култури и религии, посебно од оние кои не ги среќаваме често во нашето опкружување. Америка има многу правила кои бараат многу труд. Ние, за разлика од Американците, сме многу поопуштени. Во филмот кој се снимаше во Далас и кој се снима деновиве во Скопје, јас сум лик кој треба да го претстави ромското општество, култура, музика, јазикот. Личност која дава слика за Ромите во целина“, вели Лазар.

     Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира