Седум месеци од почетокот на коронакризата во земјава и затворањето на културните институции, театрите и кината сѐ уште немаат добиено протоколи за работа во нови услови. Библиотеките, Филхармонијата и Театар Комедија се единствени установи кои почнаа со работа месецов. Филхармонијата одржа концерт во затворен простор, со исполнување на салата од 30 отсто, а Комедија на отворено ги почна пробите за претставата на режисерот Синиша Евтимов.
Од кабинетот на министерката за култура Ирена Стефоска велат дека ги разгледувааат предлог-протоколите од културните институции кои се пристигнати кај нив, а постапката за нивно конечно предавање до Комисијата за заразни болести ја усложнуваат спецификите кои се појавуваат во секоја институција одделно.
„Ситуацијата се усложнува што во драмската област буквално секој ансамбл и објект има различни услови за отпочнување на реализација на програмата согласно протоколите за заштита во затворен простор. Во оваа дејност по сложеност во изнаоѓање решение се издвојува Македонскиот народен театар (МНТ), зашто е објект со најмногу седишта, 700, и според протоколите може да функционира само со 20 отсто од капацитетот, и според дирекцијата би требало да се пресмета рентабилноста на реотворањето на театарот. Поради обемноста на условите кои треба да се исполнат за спроведување на протоколите, МНТ е условен и со нова постапка во Јавните набавки, но оттаму сепак имаат предлози како да се надмине ситуацијата, и како полека со помали сценски форми да се врати во функција оваа најголема театарска институција во земјата“, ни рекоа од Министерството за култура.
Според директорката на МНТ Симона Угриновска, која била и координатор за изготвување на протоколи за драмската дејност, во МНТ од максимум 700 седишта, ќе може да се исполнат максиум 140. Во однос на тоа дали е тоа рентабилно, директорката вели дека решението го гледа во тоа 2 до 3 претстави да се адаптираат од мала на голема сцена.
„Нема да ангажираме надворешни соработници, за да не се доведеме во ситуација да плаќаме плус хонорари, и сето тоа да биде на штета на квалитетот. А притоа актерите се без заштита. Поентата е токму во тоа зошто театрите се најтешки за работа и организација во новиве околности. Но, ако се донесе одлука за отворање, ќе работиме. Ја следам ситуацијата во соседството, во Србија веќе имаат и премиери, и таму единствена заштитна мерка е публиката да носи маска. Јас сметам тоа е премногу ризично“, вели Угриновска.
Од Министерството за здравство велат дека досега само Филхармонија и Театар Комедија се имаат обратено и доставено предлог протоколи за разгледување до Комисијата за заразни болести.
„Комисијата за заразни болести е отворена за сите предлози кои би можеле да помогнат за враќање на културниот живот, согласно препораките за заштита од ковид-19, па во таа смисла ние сме во постојан контакт со Министерството за култура, каде што според нашите информации интензивно се усогласуваат предлог-протоколите пристигнати од институциите од оваа област“, ни рекоа од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.
Деновиве се огласи и киното Синеплекс, од каде велат дека со целосно почитување и примена на препораките од надлежните институции, Синеплекс во Србија, Хрватска, Словенија, Грција и Австрија ги отвори вратите.
„Наскоро и за нашата публика, согласно препораките за заштита од ковид-19 и имплементација на мерките пропишани од институциите, Синеплекс“ ќе му се врати на филмот во кино“, велат од синџирот кина.
Б. НЕСТОРОСКА