СЕДИ ДОМА СО МИЛЧО – ЧЕТИРИ ФИЛМОВИ НА МАНЧЕВСКИ НА МРТ КАКО ПОДДРШКА НА МЕРКИТЕ ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

    СЕДИ ДОМА СО МИЛЧО – ЧЕТИРИ ФИЛМОВИ НА МАНЧЕВСКИ НА МРТ КАКО ПОДДРШКА НА МЕРКИТЕ ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТВечерва во 22 часот на МРТ игра „Пред дождот“, класик од Македонија, кого престижниот „Њујорк тајмс“ го стави на листата на 1.000 најдобри филмови во историјата.

    Филмовите на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски ќе се прикажуваат на Македонската радиотелевизија (МРТ), како поддршка на вонредните мерки против ширењето на коронавирусот. Денес во 22 часот на МРТ ќе игра „Пред дождот“ кој пред 26 години победи во Венеција и беше македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм.

    В недела ќе игра „Мајки“, а наредниот викенд на програмата се „Сенки“ и „Бикини Мун“.

    Со одлука на Владата, како превенција од ширење на коронавирусот затворени се сите воспитно-образовни институции, библиотеки, игротеки, студентски домови, фитнес-сали, а рестотраните и кафулињата работат од 7 до 18 часот.

    Премиерата на „Пред дождот“ беше на 6 септември 1994 на Филмскиот фестивал во Венеција, а на 12 септември Манчевски го доби Златниот лав. Потоа следеа уште триесетина награди на светските фестивали, а имаше кинодистрибуција во над 50 земји. Филмот беше и номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм, и со тоа стана најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија.

    „Пред дождот“ е класик од Македонија, престижниот „Њујорк тајмс“ го стави на листата на 1.000 најдобри филмови во историјата. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, за филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-на јазици во светските медиуми, а уште игра во кинотечните и фестивалските програми.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари