СЕМЕЈСТВОТО НА РИСТО СТЕФАНОВСКИ НЕМА ДА ПРИСУСТВУВА НА НАСТАНОТ МЕСТО КОМЕМОРАЦИЈА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    СЕМЕЈСТВОТО НА РИСТО СТЕФАНОВСКИ НЕМА ДА ПРИСУСТВУВА НА НАСТАНОТ МЕСТО КОМЕМОРАЦИЈА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРРисто Стефановски и директорката Катерина Коцевска на средбата по донацијата на неговата лична библиотека за Драмски театар. (Фото: Архива на Драмски театар)

    Семејството на Ристо Стефановски, легендарниот театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар кој од основањето 26 години беше директор на Драмски театар, објави дека нема да присуствува на настанот што место комеморација го најави Драмски за утре напладне. Стефановски, кој почина на 22 март на 94 години, беше директор на Драмски од основањето во 1957 до 1983.

    Игор Стефановски, внук на Ристо и син на Горан, на Фејсбук објави дека нема да присуствуваат на настанот оти сметаат дека „комеморација за Ристо Стефановски не само што треба, туку мора да има“.

    „Друга причина е што веруваме дека собирањето што го предложува Драмски, театарот којшто тој го формираше и со него ги доживеа ѕвездените мигови, не доликува, и е омаловажување, на ликот и делото не само на нашиот Ристо, туку и на глумците на театарот кои починаа во изминатите месеци. Лесна им земја на сите – легенди“, вели Игор и највува дека наскоро сепак ќе има комеморација и дека „на неа ќе биде јасно зошто токму тој заслужува такво нешто… бидејќи, да бидеме реални, ќе имаше ли историја на македонскиот театар без него и дали толку прецизно ќе беше документирана?“.

    На 21 април, повод 76. роденден на Драмски, театарот соопшти дека утре во 12 часот ќе ги отвори вратите „за сите колеги, соработници, почитувачи на Драмски, без официјални покани, без билети, без протоколи“.

    „Ќе го славиме животот и делото на сите наши кои ги изгубивме во изминатава година. Нема да правиме комеморација за нив.Ќе им се заблагодариме. На Ристо, Сабина, Мајда, Вида… за се она што му го дадоа на Драмски, кој без нив немаше да биде тоа што е денес. Ќе се потрудиме со своето присуство да им дадеме барем малку благодарност за она многу што Драмски го доби од нив. А потоа, пред Ѕидот на славните на Драмски, ќе се напиеме тиквешко црно и ќе ви подариме Монографија од Драмски, која благодарение на нив постои“, соопшти Драмски за настанот за спомен на Стефановски и актерките Сабина Ајрула-Тозија која почина лани на 10 август, Мајда Тушар која почина на 14 април и Видосава Грубач која почина на 23 декември лани.

    На 12 април и актерот Јовица Михајловски, кој целата своја професионална кариера ја има поминато како член на ансамблот на Драмски театар, реагираше што театарот не најде време и простор за јавно одбележување на ликот и делото на Стефановски.

    „Ристо го создаде Драмски, тој ја избра екипата, да не беше Ристо можеби ќе го немаше ни Драмски и еве, веќе четврта недела како замина, а јас чекам неговиот Драмски театар Скопје да објави простување како што доликува на основачот и најзаслужниот за ѕвездените успеси на Театарот, како најтрофеен репрезент на македонскиот театар во регионот и пошироко во европски и светски релевантни театарски светилници“, рече Михајловски.

    На тоа, директорката на Драмски театар Катарина Коцевска-Хаџи Василева на 13 април соопшти дека комеморација за Стефановски ќе има подоцна, оти Драмски сакаше да избегне поклопување со премиерата посветена на неговиот внук Горан Стефановски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира