СО „СУБВЕРЗИЈА ВО ЦРВЕНО“ НА ПРЉА ОТВОРЕН МАКЕДОНСКИОТ ПАВИЛЈОН ВО ВЕНЕЦИЈА

    СО „СУБВЕРЗИЈА ВО ЦРВЕНО“ НА ПРЉА ОТВОРЕН МАКЕДОНСКИОТ ПАВИЛЈОН ВО ВЕНЕЦИЈАКураторката Јованка Попова, директорката на МСУ Мира Гаќина, министерот за надворешни работи Никола Димитров, уметницата Нада Прља и националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски синоќа на отворањето на Македонскиот павилјон во палатата Рота Иванчич во Венеција. (Фото: МСУ)

    Македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале на уметноста со проектот „Субверзија во црвено“ на уметницата Нада Прља се отвори вчера во палатата Рота Иванчич во Венеција. Носител на проектот на Прља  е Музејот на современа уметност (МСУ), а кураторка е Јованка Попова.

    Проектот е поддржан со 4 милиони денари од Министерството за култура.

    На отворањето се одржа дискусија Со уметност во живо – Црвена дискусија 2, на која имаше повеќе учесници, а теоретски соработник беше Артан Садику (Фото: МСУ)

    „Посебно сум горд што Република Северна Македонија е меѓу 90-те национални учесници на овој светски уметнички настан од највисок ранг. Низ годините, уметниците се покажаа како едни од нашите најдобри амбасадори. Сигурен сум дека тоа ќе биде потврдено и годинава“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на отварањето на павилјонот во Венеција.

    Македонскот павилјон е во палатата Рота Иванчич во Венеција (Фото: МСУ)

    Прља долги години живее во Лондон, каде работела и како универзитетски предавач, графички дизајнер и уметнички директор. Има учествувано на повеќе биенални изложби, на над 80 групни изложби и јавни презентации.

    „Проектот на Прља, кој се издвои според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културниот контекст и во однос на темата на Биеналето“, стои во одлуката на комисијата од Министерството за култура за избор на национален претставник во Венеција.

    Куратор на Биеналето, еден од најголемите уметнички настани во светот, е Ралф Ругоф, кој ја постави и генералната тема на манифестацијата: „Може да живееш во интересни времиња“.

    Венециското биенале 2019 се затвора на 24 ноември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари