СРЕБРЕНА ПАЛМА ЗА „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ ВО ВАЛЕНСИЈА

    СРЕБРЕНА ПАЛМА ЗА „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ ВО ВАЛЕНСИЈАРежисерот Милчо Манчевски ја прими Сребрената палма на синоќешната церемонија на доделување на наградите во Валенсија. (Фото: Мостра де Валенсија)

    „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои Сребрената палма во Валенсија, Шпанија, на еден од најголемите европски фестивали каде беше и шпанската премиера на филмот. Жирито на 35. издание на синоќешната церемонија на затварањето му ја додели наградата со образложение дека е „одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата по љубов на три жени“.

    Ова е втора награда за „Врба“ оваа недела, откако во понеделникот доби награда за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД каде ја имаше американската премиера.

    Златната Палма во Валенсија ја доби италијанската драма „Лоши приказни“ на браќата Дамијано и Фабио Д’Иноченцо.

    Режисерот Манчевски лично присуствуваше во Валенсија, а неговиот филм имаше одлични одгласи во шпанските медиуми.

    Шпанската критика за „Врба“ се вели дека е „величествен филм“, „брилијантен, перфектно балансиран“, „ Манчевски мајсторски ги испреплетува трите приказни“, „им пристапува на овие многу женски искуства со најголема почит и чувствителност“, „две моќни, предизвикувачки и прекрасно одиграни драми“, како и дека: „Емоционалните предизвици на бременоста и посвојувањето се рефлектираат со толку многу вистина, чувствителност и почит што се чини неверојатно дека ова женско дело е режирано од маж. Манчевски тврди дека ‘луѓето се луѓе’ и дека ‘Врба’ зборува за човечките искуства“.

    Во септември „Врба“ беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон кој ќе се одржи во ноември.

    „Во изминатава една година од светската премиера на фестивалот во Рим, „Врба“ постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, и 4 награди, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради ковид-19 пандемијата. Исто така, се очекува следната недела „Врба“ да се врати и во македонските кина, како дел од програмата на кино Синеплекс во Скопје“, велат од продукцијата на филмот.

    Од продукцијата објавија и дека новиот филм на Манчевски „Кајмак“ доби поддршка и од данската држава – од Данскиот филмски институт, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите ‘Меланхолија’ и ‘Антихрист’ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера’ и на ‘Сопругата’ за кој Глен Клоус доби номинација за Оскар, како и на хит сериите ‘Премиерката’ и ‘Рагнарок’. „Кајмак“ е поддржан со 500.000 евра во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм, како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира