Битолскaта музичка група „Фолтин“ оваа година одбележува 30 години од својот прв концерт. Новата двојна плоча и меѓународните настапи се дел од активностите до крајот на годината, најавија денеска членовите на бендот во Скопје. „Фолтин“ на 29 август ќе концерт во Хераклеја за затварањето на „Битфест“, а во ноември е планиран концерт во Скопје.
Денеска, пејачот Бранислав Николов, гитаристот Пеце Трајковски-Брада, кларинетистот Пеце Николовски, басистот Гоце Јованоски и тапанарот Славчо Јовев го промовираа двојниот винил албум насловен „Фолтин во живо“ (Foltin Live), кој е достапен и на новата веб страница foltin.mk.
„Албумот го снимаме во студио и е правен комплетно со аудиофилска опрема и нема никакви компресии, нема никакви пеглања на звукот, за да биде максимално доловена онаа ‘лајв’ атмосфера. Кога ќе ја слушаме плочата, максимално да може да нè воведе во тоа да личи дека е свирено во живо. Користевме старинска лента од 1980-тите и плочата можеби се слуша тивко, не грми сè од сите страни“, рекоа од бендот.
Ова издание тие симболично го нарекуваат и своја звучна монографија.
„Разговаравме за тоа какви активности да планираме за оваа година. Ни понудија монографии, изложби, но падна идеја дека ова е нашата звучна монографија“, рекоа од „Фолтин“.
Плочата има 15 песни, меѓу кои и три снимки од концертот во Филхармонијата во ноември 2025.
Јубилејната концертна агенда на „Фолтин“ за 2026 е поделена меѓу домашните а и регионалните сцени. По битолскиот и скопскиот коцерт следуваат Загреб, Љубљана, Софија и Пловдив.
Евоцирајќи спомени од минатите патувања, членовите на бендот се присетија на еден од нивните најнеобични концерти досега, во затвор во Франција.
„Сосема случајно преку букинг агент добивме покана да свириме таму. Во тој затвор беа затвореници кои добиле доживотна затворска казна, убијци и криминалци. По настапот ни поставуваа прашања, ни кажуваа дека убаво им било. Целта не беше само концертот, туку социјализација, да им се даде можност со некои луѓе од страна дојдени да поразговараат малку“, рекоа од бендот.
Покрај концертите, подготвен е и проектот „Фолтин рекомпонирано“ (Foltin Recomposed), соработки со реномирани пејачи од домашната и од балканската сцена.
„Тоа се соработки со некои наши пријатели и нивно гледање на некои наши песни. Не се класични преработки на нашите песни, туку секој од музичарите имаше целосна слобода, некои дури и ги менуваа текстовите“, кажаа од „Фолтин“ за проектот од кој секој понеделник до крајот на годината ќе се промовира по една песна на радио „Метрополис“.
Еден од повпечатливите моменти поврзан со снимањето на нивната култна песна „Милице“, е големото невреме кое ги зафатило и громот кој удрил во нивните автомобили. Песната е снимена со актерот Сенко Велинов кого „Фолтин“ на шега го викаат Бајага. Николов кажа дека во Битола се обложиле двајца музичари дали песната ја пее белградскиот рокер Момчило Бајагиќ-Бајага или Велинов, а едниот од нив ја добил кладбата.
„Завршната проба на песната ‘Милице’ беше во Братин Дол, во вилата на актерот Ѓорѓи Јолевски. Во еден момент времето се расипува. Завршивме со пробата и требаше да одиме да купуваме ќебапи од градот за да довршиме со журка. Почнува времето страшно многу да се расипува и да биде многу грдо. Се пикнаа Бранко и Славе во првата кола, јас и Сенко во втората. И во тој момент јас ја затворам вратата од колата и удира гром! Веројатно го немате видено громот одблиску како изгледа, целата кола беше во бело. А, во соседната куќа исто удри гром, таа се запали, горниот спрат изгоре цел. Отидовме сепак во Битола по ќебапи, само Сенко и јас. Кога се вративме, Јолевски не можеше да се запре од кажување на приказната. И ја кажува оттогаш цело време. Сакаме и него да го снимиме да ја раскаже“, низ смеа рече Пеце Николовски.
Како дел од прославата на јубилејот, ќе се снимаат и серија куси видеа со случки од историјата на „Фолтин“.
М. ЏАРОВСКА



