ТЕОДОСИЕВСКИ ИСКАЖА ЛИЧЕН, А НЕ ОФИЦИЈАЛЕН СТАВ ЗА ФИЛМОТ НА МИТЕВСКА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ТЕОДОСИЕВСКИ ИСКАЖА ЛИЧЕН, А НЕ ОФИЦИЈАЛЕН СТАВ ЗА ФИЛМОТ НА МИТЕВСКА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАПродуцентката Лабина Митевска во отворено писмо до премиерот Зоран Заев бара тој да го отпушти Златко Теодосиевски, посебен советник на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, затоа што во колумна на неговиот блог напиша дека во филмот „Кога денот немаше име“ има говор на омраза против Албанците

    Министерството за култура ја повика Лабина Митевска, продуцентката на филмот „Кога денот немаше име“ што го режира сестра и Теона Стругар Митевска, на „отворен разговор, со искрена надеж дека ќе успееме да ги надминеме овие недоразбирања“, откако таа со отворено писмо до премиерот Зоран Заев побара тој да го отпушти Златко Теодосиевски, посебен советник на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, затоа што во колумна на неговиот блог напиша дека во филмот има говор на омраза против Албанците. Во соопштението по отвореното писмо, Министерството потенцира дека колумната на Теодосиевски е “негов личен став, и во никој случај не ги одразува официјалните ставови и политики на Министерството за култура“.

    „Министерството за култура на Република Македонија децидно ги отфрла обвинувањата за какви било закани и притисоци од страна на Министерството за култура и Владата на Република Македонија по однос на прикажувањето на филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска, во производство на продукцијата „Сестри и брат Митевски“. Напротив, токму Владата на Република Македонија, надлежната Агенција за филм и Министерството за култура помогнаа да се разреши ситуацијата од пред неколку месеци помеѓу организаторите на Фестивалот, Друштвото на филмски професионалци на Македонија и продуцентите на филмот, по што тој и беше прикажан на годинашното издание на Фестивалот „Браќа Манаки“. Токму со тој потег оваа Влада и раководството на Министерството ги демонстрираа во практика вредностите за кои се залагаме – отвореност, слобода на говор, можности за отворени дебати, рецензии и критики“, се вели во реакцијата на Министерството.

    Од Министерството додаваат дека нивните и претставници на Владата одбиле да го гледаат филмот пред неговата премиера иако Митевска им понудила линк, а не сакале да го гледаат ни на понудената затворена проекција, „токму затоа што не се гледаме себеси во улога на цензори или на комисии што се својствени за недемократски режими и за системи на едноумието“.

    „Министерството за култура и Владата на Република Македонија и со овој потег потврдија дека одбиваат да бидат оценувачи и рецензенти на уметноста, нешто што беше пракса на минатата власт, туку дека застануваат цврсто зад промовирањето на слободниот уметнички израз и слободата на говорот. Сметавме и сè уште сметаме дека единствен судија за уметничките дела треба да биде стручната јавност и публиката“, велат од Министерството за култура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира