ТРГНАВ ОД ИДЕЈАТА ШТО МОЖЕ ДА МУ СЕ СЛУЧИ НА ЧОВЕК ДВА ЧАСА ПРЕД ДА ОБЈАВИ ВЕСТ ЗА КОРУПЦИЈА, ВЕЛИ СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ ЗА ФИЛМОТ „НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЕ СЛУЧИ ПРЕТХОДНО“

    ТРГНАВ ОД ИДЕЈАТА ШТО МОЖЕ ДА МУ СЕ СЛУЧИ НА ЧОВЕК ДВА ЧАСА ПРЕД ДА ОБЈАВИ ВЕСТ ЗА КОРУПЦИЈА, ВЕЛИ СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ ЗА ФИЛМОТ „НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЕ СЛУЧИ ПРЕТХОДНО“Кинематограферот Димески, Митовски, Коцев со сопругата, Јаниќијевиќ, Ризова, Цветковски и Ивица Димитријевиќ на премиерата во Синеплекс. (Фото: Синеплекс)

    Беше многу напорно и тешко, морам да признаам, меѓутоа се чувствувам како риба во вода во тие ситуации, дури понекогаш сакам кога е потешко за полесно да излезам од проблемот, рече режисерот Срѓан Јаниќијевиќ за дебитантскиот филм „Нема да ви се вeрува што се случи претходно“.

    Филмот од 12 ноември игра на редовен репертоар во скопското кино Синеплекс. Македонската премиера беше на 25 септември на затворањето на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Светската премиера беше во средината на септември на фестивалот во Олденбург, Германија.

    Идејата е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а играат Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.

    Филмот е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени.

    Режисерот Јанаќијевиќ вели дека во идејата за филмот тргнал од самата слика што може да му се случи на еден човек за еден и пол до два часа во кола, пред да објави вест за корупција.

    „Работевме долго со Сашо Кокаланов, после и со Дејан Дуковски кој ни се придружи некаде пред крај на работата, и стигнавме до оваа приказна што мислам дека е една од најзабавните работи во филмот. А страшно феноменалните актери што јас си ги знам и многу ги сакам ги донесоа овие ликови. И самата конструкција на приказната како оди напред, назад, напред, назад, да не ти се верува што се случи претходно е производ на една работа што беше баш во последниот дел“, рече Јанаќијевиќ на проекцијата на филмот за медиумите.

    Актерката Дарја Ризова првпат на филм глуми главна улога и вели дека ѝ било значајно што на филмот работела со колеги со кои веќе долги години соработува на театарската сцена.

    „Нивната колегијалност и професионалност ми даде многу голема сигурност тој момент правејќи го овој филм и ова за мене е ново искуство и да, можеби сега беше вистинскиот момент да се појавам во филм баш со оваа екипа“, рече Ризова.

    Филмот, со работен наслов „Касапско оро“, се снимаше во средината на 2024. Главен продуцент е Сашо Пешев во продукција на „Ново македонско видео“, односно „Њу момент“. Тој рече дека „Нема да ви се верува што се случи претходно“ му е трет игран проект, но веројатно најтешкиот, ама и најзабавниот.

    „Поради короната изгубивме добар период кога можеше да се работи и требаше повторно да ја вратиме енергијата на потребното ниво. Од друга страна и поради буџетот, кој што беше само поддржан од Агенцијата за филм со минимален буџет што следува за дебитантски филм, практично филмот со ваков каст и вака како што го замисливме беше сериозен предизвик да го завршиме и да го затвориме. Меѓутоа, мислам дека на крај добивме навистина добра продуцентска вредност на филмот“, рече Пешев.

    Монтажер е Мартин Иванов, композитор е Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимографка е Лидија Георгиева, дизајнерка на филмска шминка Снежана Ангеловска-Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира