ТВ-СЕРИЈАТА ЗА ДЕЦА „ЗОКИ ПОКИ“ ОД 4 МАЈ НА МРТ

    ТВ-СЕРИЈАТА ЗА ДЕЦА „ЗОКИ ПОКИ“ ОД 4 МАЈ НА МРТСнимањето почна лани во август во основното училиште „Петар Поп-Арсов“ во скопската населба Карпош, а продолжи и во септември на повеќе локации низ Скопје. (Фото: Д. Николовска)

    На 4 мај на првата програма на Македонската радиотелевизија (МРТ) ќе почне емитувањето на ТВ-серијата „Зоки Поки“ според истоимената книга на Оливера Николова, омилено и култно дело на многу генерации. Вкупно ќе се емитуваат десет епизоди од ТВ-серијата, секој понеделник и четврток во 20: 15 часот, а по емитувањето на МРТ, наредниот ден епизодите ќе бидат достапни и на веб-страницата zokipoki.mk и на официјалниот Јутјуб канал.

    Продукцијата е на „Кино око“ во копродукција со МРТ, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Режисер на серијалот е Александар Поповски, а десетте епизоди ги режираа и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Главен продуцент е Роберт Насков. Адаптацијата на серијата ја работеа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

    „Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, екипата создаде ТВ- проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното ‘брзо’ време, но и на родителите со кои се надеваме заеднички ќе поминат квалитетно време со своите деца пред ТВ-екраните“, вели продуцентот Роберт Насков.

    Поповски верува дека спојот на она што неговата генерација го наследи од генерацијата на неговите родители ќе успеат да го пренесат на сегашните деца.

    „Зоки Поки покрај забавен карактер носи и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма”, вели Поповски.

    Серијата се снимаше лани во август и септемрви на повеќе локации во Скопје.

    Директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф е Иван Бартлинг, костимите на Жаклина Крстевска, композитор на музиката е Александар Пејовски, а на песните Александар Митевски. Монтажата е на Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Драган Алексов и Софија Самоиловска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира