ВЛАДАТА ЈА КАЗНИ ДИРЕКТОРКАТА НА МНТ ЗА ДИВЕЕЊЕТО НА НАВИВАЧИТЕ ОД „ШВЕРЦЕРИ“, БИДЕЈЌИ ГО ОТСТАПИЛА ТЕАТАРОТ БЕЗ ПИСМЕН ДОГОВОР

    ВЛАДАТА ЈА КАЗНИ ДИРЕКТОРКАТА НА МНТ ЗА ДИВЕЕЊЕТО НА НАВИВАЧИТЕ ОД „ШВЕРЦЕРИ“, БИДЕЈЌИ ГО ОТСТАПИЛА ТЕАТАРОТ БЕЗ ПИСМЕН ДОГОВОРНавивачите на ФК Шкупи, Шверцери скандираат и удираат по инвентарот во салонот на МНТ на прославата на Денот на албанската азбука 22 Ноември, на која беше премиерата и на документарецот за 30-годишнината на групата. (Фото: Принтскрин од видеото од прославата)

    Владата ја казни директорката на Македонскиот народен театар (МНТ) Симона Угриновска со намалување на платата, за скандалот од минатиот месец, кога членови на навивачката група Шверцери го оштетија најголемиот театар во земјава.

    „Владата го задолжи Министерството за култура во соодветна постапка да ѝ наложи на директорката на МНТ од организаторите на настанот да побара надомест на штетата направена за време на настанот, а на директорката да ѝ биде изречена казна со намалување на платата за 15 проценти во траење од 3 месеци затоа што направила пропуст и дала согласност за отстапување на МНТ без писмен договор“, соопштија од владината служба за информирање.

    На 22 ноември, на прославата на  Денот на албанската азбука, навивачите на Фудбалскиот клуб Шкупи го искинаа тапацирот на седиштата, откорнаа орнаменти од првата галерија како и неколку светлосни знаци кои одбележуваат излез. Директорката тогаш изјави дека прославата била во организација на Владата, и дека неа ѝ ми било кажано дека ќе има два настана.

    „За првиот официјален дел, свечената академија, на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев, бев во координација со портпаролот на Владата Мухамед Хоџа. За вториот настан, координатор беше Артан Груби и тој ми кажа дека ќе има само проекција на документарен филм “, изјави тогаш Угриновска. Од официјалното видео од прославата кое е објавено на јутјуб, се гледа дека навивачите бурно скандираат качени на столиците со удирање по инвентарот во салонот на МНТ.  Документарецот бил за 30 години постоење на Шверцери.

    На 28 ноември, премиерот Заев кажа дека речиси 4 илјади евра е штетата од прославата на навивачката група Шверцери.

    „Откорнати тапацири на потпирачи на 5 столици во вкупна вредност од 125 евра, откорнати ногарки на столици од лежиште во вредност од 3 илјади, откорнати парапети на галериите од 10 метри и од 2 метри, во вредност од 240 евра, искршени орнаменти во вредност од 200 евра, искршени 5 подни светилки и дупки на теписон од цигари. Вкупната штета е 3.965 евра. Откако ќе се утврди одговорноста, тогаш оваа материјална штета ќе се надомести, но поголема е онаа духовната што е нанесена. Националниот театар е отворен за сите и сите треба да го користат, но се знае под какви услови. Од тоа треба да произлезе и одговорноста што ќе биде објавено кога ќе се утврди“, рече премиерот.

    Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, од чии редови доаѓа пратеникот Артан Груби рече дека нема ништо спорно што „Шверцери“ прославувале јубилеј 30 години постоење во МНТ.

    „Што се однесува до материјалната штета на театарот, тоа е друго прашање што ќе го процени Министерството за култура, но не мислам дека луѓето отишле таму за да предизвикаат штета или вандализам. Во многу цивилизирани земји како Германија, Велика Британија и низ целиот свет, навивачите на разни спортски клубови ваквите манифестации за одбележување на деновите на нивното основање ги одржуваат во националните театри“, рече Ахмети.

     

     

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари