Македонското гитарско дуо ќе настапи во шведскиот Парламент на 17 септември во рамки на прославата на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. Анастасија Милеска и Александар Андријевски ќе свират дела од македонски композитори. „Дениција“ настапува по покана на македонскиот амбасадор во Стокхолм, на настан организиран од парламентарната група за шведско-македонско пријателство во која членуваат пратеници од сите партии застапени во шведскиот Парламент.
„Голема благодарност до амбасадорот Џенк Сејфула за поканата да отсвириме целовечерен концерт во Шведскиот парламент. На програмата ќе се најдат дела од композиторите Панде Шахов, Дарија Андовска, Ангел Спироски, Ана Пандевска, Филип Иванов и Вања Николовски-Ѓумар. Композициите се дел од нашиот проект за збогатување на македонското творештво за класична гитара и се искомпонирани за нашето дуо“, велат од дуото „Дениција“.
Анастасија Милеска и Александар Андријевски се познаваат од средношколските денови. И двајцата биле во гитарската класа на професорот Дарко Багески, во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Како дуо „Дениција“ започнале активно да одржуваат концерти од 2018. Милеска започнала да ја изучува класичната гитара во класата на професорот Александар Крстаноски, а Андријевски кај Љубиша Кушевски. Двајцата се победници на повеќе интернационални натпревари за гитара.
„Александар е во Германија од 2015, а јас му се придружив една година подоцна. Тука ги завршивме нашите додипломски и постдипломски студии на Факултетот за музика и танц во Келн, во класата на професорот Герхард Рајхенбах. Моментално и двајцата предаваме гитара во државни музички училишта во Хам и Радеформвалд“, вели Анастасија Милеска.
Освен што често одржуваат концерти, Милеска и Андријевски велат дека со големо задоволство предаваат класична гитара на ученици од најразлична возраст и одржуваат мастер-часови на гитарски фестивали.
„Од оваа година сме организатори на Летната гитарска школа Охрид, која се одржа овој јули во Охрид, и со нетрпение го очекуваме следното издание напролет во 2025“, ни рече Милеска.
М. ЏАРОВСКА