„ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ Е НАЈГЛЕДАН ФИЛМ ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2019, СЕ ВРАЌА ВО КИНОТЕКА И СИНЕПЛЕКС

    „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ Е НАЈГЛЕДАН ФИЛМ ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2019, СЕ ВРАЌА ВО КИНОТЕКА И СИНЕПЛЕКС„Врба“ ја надмина бројката од 30 илјади гледачи, што е рекорд во Македонија; - Сара Климоска во сцена од филмот. (Фото: Продукција на „Врба“)

    „Врба“, шестиот игран филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, ја надмина бројката од 30 илјади гледачи, што е рекорд во Македонија.

    „Ова е најгледан филм во државата за 2019, надминувајќи ги и холивудските блокбастери. ‘Врба’ е и најгледан македонски филм во последниве години. Во минатото, во времето пред интернет стриминг, генералната посетеност на сите проекции во кино беше на друго ниво. На пример, филмот ‘Прашина’ на Манчевски постави рекорд со 120 илјади гледачи во 2001“, велат од продукцијата на „Врба“.

    „Врба“ од неодамна се прикажува во Кинотека. Неодамна, пред преполна сала, режисерот Манчевски се вклучи во разговор со публиката кој го модерираше филмската критичарка Марина Костова. Разговорот траше повеќе од еден час и во него беа дискутирани аспекти од „Врба“, но и од твоештвото на Манчевски воопшто.

    По светската премиера на 19 октомври на Меѓународниот филмски фестивал во Рим, каде беше примен со петминутни овации, филмот ја имаше македонска премиера на 1 ноември и оттогаш ги полни киносалите низ цела држава. Минатиот месец од Синеплекс објавија дека „Врба“ е најгледаниот филм во нивната историја воопшто. Дистрибутерот на филмот го прикажа филмот во над 20 градови во државава.

    Поради популарноста на филмот од Синеплекс и Кинотека објавија дека „Врба“ се враќа на нивниот репертоар. Филмот ќе игра во два термина дневно (18 и 20 часот) и тоа во: на 21 јануари, 22 , 24. 25, 28, 29, 30 (само во 17 часот) и на 1 февруари. Филмот ќе продолжи да се прикажува и низ Македонија.

    Во филмот на Манчевски игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ. Музиката е на Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

    Трите најголеми светски филмски списанија „Холивуд репортер“ , „Вараети“ и „Скрин интернешенал“ имаа одлични рецензии за филмот. „Фасцинантен… Заслепувачки… Комплексен“, напиша „Холивуд репортер“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари