„ЗЕМЈА НА НОМАДИ“ ТРИУМФИРАШЕ НА 93. ОСКАРИ, ЕНТОНИ ХОПКИНС ГО ПОБЕДИ ПОКОЈНИОТ ЧЕДВИК БОУЗМАН ЗА НАЈДОБАР АКТЕР

    „ЗЕМЈА НА НОМАДИ“ ТРИУМФИРАШЕ НА 93. ОСКАРИ, ЕНТОНИ ХОПКИНС ГО ПОБЕДИ ПОКОЈНИОТ ЧЕДВИК БОУЗМАН ЗА НАЈДОБАР АКТЕРФренсис Мекдорманд, Клое Жао и продуцентите го слават триумфот на „Земја на номади“ (Фото: АП)

    Драмата „Земја на номади“ на кинеската режисерка Клое Жао е прогласена за најдобар филм на 93. Оскари, освојувајќи три големи награди на церемонија која се разликуваше од сите досегашни и се одржа два месеца подоцна од вообичаено.

    Единаесет години по Кетрин Бигелоу, Жао стана само втора жена која се закити со режисерскиот оскар, а големо изненадување се случи на крајот на вечерта во главната железничка станица во Лос Анџелес кога Ентони Хопкинс беше прогласен за најдобар актер за филмот „Татко“, победувајќи го покојниот Чедвик Боузман, кој важеше за изразен фаворит. Со 83 години, Хопкинс стана најстариот актер кој освоил оскар.

    Победата на „Земја на номади“ беше на големо очекувана и го круниса неверојатниот подем на Жао, за која ова е само трет филм, снимен за буџет од пет милиони долари и со кастинг од главно непрофесионални актери. Ѕвездата на филмот Френсис Мекдорманд го доби оскарот за најдобра актерка, нејзин трет, со што се израмни со Мерил Стрип. Рекордерка е Кетрин Хепберн со четири.

    „Пронаоѓав добрина во луѓето секаде каде што патував низ светот. Ова е за сите кои имаат верба и храброст да држат до добрината во себеси и до добрината во другите, без разлика колку тешко било тоа“, изјави Жао.

    Глен Клоуз изгуби по осми пат, овојпат од Јух Џунг-Јоун („Минари“) за најдобра споредна женска улога и тоа е првиот актерски оскар за Јужна Кореја, што доаѓа една година по големиот триумф на „Паразит“. Британецот Даниел Калуја славеше во машка конкуренција за „Исус и црниот месија“.

    „Татко“ беше награден и за најдобро адаптирано сценарио, додека Емералд Фенел загуби од Жао за најдобра режисерка, но доби утешна статуетка за најдобро оригинално сценарио за „Надежна млада жена“.

    Од десетте номинации, „Менк“ освои само два оскара, за кинематографија и сценографија, најдобар странски филм е „Уште една тура“ од Данска, а најдобар документарец „Октоподот, мојот учител“ од Јужна Африка.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира