„Кутрите“ (Poor Things) на грчкиот оскаровец Јоргос Лантимос синоќа го освои Златниот лав на јубилејното 80-то издание на Филмскиот фестивал во Венеција. Филмот, со Ема Стоун, Вилем Дефо и Марк Рафало, е црна комедија според истоимениот роман на шкотскиот писател Аласдир Греј од 1992, а беше главен фаворит и на критиката и на публиката во текот на целиот фестивал.
Гран при на жирито, кое беше на чело со Дамиен Шазел, освои „Злото не постои“ на јапонскиот оскаровец Рјусуке Хамагучи.
Сребрен лав за најдобар режисер доби мигрантската драма „Јас, капетанот“ на италијанскиот автор Матео Гароне, а главниот актер од овој филм Сејду Сар ја освои наградата за најдобар млад актер „Марчело Мастројани“.
Специјална награда на жирито доби „Зелена граница“ на полската ветеранка Агњешка Холанд, драма за сириско семејство кое бега од ИСИС во Белорусија, која последните денови му беше сериозен конкурент на Лантимос за Златен лав.
„Луѓето сè уште се кријат во шумите, лишени од нивното достоинство, од нивните човекови права, од нивната безбедност, а некои од нив ќе загинат овде во Европа. Не затоа што немаме ресурси да им помогнеме, туку затоа што не сакаме“, рече Холанд примајќи ја наградата.
Актерските награди ги добија Кејли Спини за „Присила“ на Софија Копола и Питер Сарсгард за „Меморија“ на Мишел Франко.
Во селекцијата Хоризонти победи унгарската политичка драма „Објаснување за сè“ на Габор Рајш. Во оваа селекција се натпреваруваше и македонскиот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, кој доби една од паралелните фестивалски награди, Квир лав.
Изненадување беше што наградата за најдобро деби „Луиџи де Лаурентис“ ја освои тајванскиот актер и режисер Ли Хонг-Чи за „Љубовта е пиштол“, кој имаше премиера во паралелната секција Недела на критиката.
„Кратко патување“ на албанскиот автор Ереник Бекири освои награда за најдобар краток филм.