ЅВЕЗДАТА НА „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ЌЕ ЈА ГЛУМИ МЕГАН МАРКЛ ВО НОВАТА СЕРИЈА „ПРИНЦОТ“ НА ЕЈЧ-БИ-О

    ЅВЕЗДАТА НА „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ЌЕ ЈА ГЛУМИ МЕГАН МАРКЛ ВО НОВАТА СЕРИЈА „ПРИНЦОТ“ НА ЕЈЧ-БИ-ОКондола Рашад ја играше главната улога во петтиот филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“ од 2018. - Манчевски и Рашад на премиерата во Њујорк. (Фото: Гети)

    Ејч-Би-О објави дека ќе снима анимирана комична ТВ-серија за британското кралско семејство. Серијата насловена „Принцот“, зад која стои сценаристот и извршен продуцент Гери Џанети, ќе даде поглед на членовите на кралската фамилија низ очите на принцот Џорц, најстарото дете на принцот Вилијам и принцезата Кејт.

    Џанети ќе го позајми гласот на Џорџ, а во актерската екипа се и Орландо Блум како Хари, Кондола Рашад како Меган Маркл, Луси Панч како Кејт Мидлтон, Том Холандер како принцот Филип и неговиот син принцот Чарлс, Франсис де ла Тур како кралицата Елизабета Втора и Ајвон Реон како принцот Вилијам.

    Триесет и тригодишната Рашад ја играше главната улога во „Бикини Мун“, петтиот филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, од 2018. Филмот се снимаше во Њујорк.

    „Имавме долг кастинг за глумците,  и по 6-7 кругови ја видовме Кондола. Таа глумеше жена со ментален проблем на еден толку уверлив начин, што ми беше непријатно. Помислив дека навистина има проблем, така што не би било етички да ја ангажираме. Улогата не беше напишана за црномуреста актерка, но затоа што Кондола беше најдобра, го адаптиравме сценариото. Таа е веќе ѕвезда во огромен подем, има три номинации за бродвејскиот Оксар, Тони“, рече Манчевски во март 2018.

    Рашад игра и во серијата на Ејч-Би-О „Милијарди“.

    Џанети претходно има работено на популарната серија „Вил и Грејс“ и „Фамилијарен човек“.

    „Се радувам дека ќе соработувам со Ејч-Би-О Макс и што ќе им донесам уште една серија за фамилија која безмилосно се бори за тронот“, изјави тој.

    Серијата ќе ја продуцира „20 сенчри“.

    Серијата е најавена во бурен период за британското кралско семејство, откако Хари и Меган најавија дека сакаат да се повлечат, по што Бакингамската палата објави дека тие ќе ги изгубат нивните кралски титули. Хари и Меган сега живеат во Канада со нивниот син Арчи.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира