БАДНИКАРСКИОТ МАСКЕНБАЛ Е ТЕТОВСКИ БРЕНД

    БАДНИКАРСКИОТ МАСКЕНБАЛ Е ТЕТОВСКИ БРЕНД

    Тетово има многу специфичен адет со кој се одбележува празникот Бадник. Додека во другите градови акцентот на празнувањето се става на Коледе (кога се палат огнови и се оди по куќи), во Тетово главните активности се прават токму на  Бадниковата Вечер или како што се вика на тетовски дијалект Б’дњи Вечер.

    Прај шо ќе праеш – за Б`дник мораш у Тетоо да си, велат тетовци (Фото: СДК.МК)

    Чествувањата на Бадник во Тетово запчнуваат попладнето кога во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“, а и во другите градски цркви се одржува литургија. По отслужената литургија се осветува бадниковото дрво од кое присутните верници земаат по некое гранче и закитуваат портите на куќите. За вечерта на Бадник се спрема богата посна трпеза со неизбежната посна сарма, ореви, костени, тиква печена но, никако дел од адетот не е пита со паричка, зaшто тоа во Тетово тоа се прави задолжително само на Василица.

    (Фото: СДК.МК)

    Додека во други градови се палат коледарски огнови вечерта на 5 јануари, на Коледе, во Тетово тоа се прави на Бадник вечерта пред Божиќ.

    „Најстарите тетовчани раскажуваат дека особен настан било да се оди со чеза на прослава во манастирот во Мала Речица или во Лешок, каде единствено се палеле бадникарски огнови. Во самиот град со традицијата на бадникарски огнови се започнува во 1990, а прво маало во кое бил запален бадниковиот оган Певчина. Со текот на годините и другите маала го прифатија овој адет, па сега нема маало во градот кое не го одбележува Бадник со оган, со музика, со ора и се разбира со богата посна трпеза. Секоја година се избира и кум или кумови, во поголемите маала, кои треба за наредната година да ја подготват бадниковата прослава“, вели Дарко Гавровски, хроничар на Тетово и истражувач на тетовската историја.

    Но ако палењето на бадникарските огнови можеме да ја наречеме понова традиција на одбележувањето на Бадник, маскирањето и пеењето бадникови песни е традиција стара со векови. Во минатото се маскирале само децата, но во поново време Бадник во Тетово прераснува во вистински карневал под маски.

    (Фото: СДК.МК)

    „Од памтивек во Тетово постоел адетот, а и најстарите тетовци се сеќаваат дека попладнето на Бадник, па цела вечер маскирани деца и млади идат по куќи и пеат. Тогашните маски најчесто биле со кожув или гуња, стап во рака, а околу врат се носела низа од пиперки или кромид. Така маскирани, поединечно но најчесто во групи, оделе од куќа на куќа и ја пееле бадникарска песна: ‘Кој што спије, нека стане, нека меси колачиња, ако нема колачиња нека даде коштанчиња, ако нема коштањчиња нека даде паричињаааа  –  Б`дња бабаааа!’ Домаќините им отварале и им ги полнеле торбите на бадникарите со она што го спремиле за таа вечер“, вели Гавровски.

    Традицијата на маскирање на Бадник е задржана иденес, но новите времиња носат и нови обичаи. Децата и понатаму одат по куќите и ги пеат бадниковите песни, но во последниве неколку години младите, па и постарите тетовци почнаа да се маскираат за Бадник и за овој празник приредуваат вистински маскенбал.

    „На Бадник, 6 јануари 1996 година, група млади решаваат заедно да се маскираат. Тоа било друштво кое излегувало во тогашното кафуле Де Вито па решиле така маскирани да го изненадат газдата, кој и самиот бил мераклија за маскирање. Така и направиле, без да знаат дека со тоа покренале една традиција која трае до ден денес и која од година во година се помасовно е прифатена од тетовци. Веќе наредните години сѐ повеќе и повеќе млади се маскираат, а во градските кафулиња се организираат наменски забави. Така маскенбалот стана неизоставна традиција за Бадник во Тетово, стана вистински бренд на градот и тоа само за неколку години. Затоа ние во Тетово велиме ‘Прај шо ќе праеш – за Б`дник мораш у Тетоо да си…’’“ , вели Гавроски.

    (Фото: СДК.МК)

    Инспирацијата на тетовци за бадниковиот манкенбал е навистина голема, се користат готови маски но има и многи оригинални маски кои самите ги изработуваат. Кафулињата во кои се организира бадникова забала се преполни со маскирани лица, а кај сите важи едно строго правило, ако не си маскиран не можеш да влезеш во кафуле. Постои иницијатива бадникарскиот маскенбал да стане и официјална градска манифестација како што се маскенбалот и карневалот во Вевчани за Василица, или карневалот во Струмица, но за оваа иницијатива уште нема разбирање кај  општинските власти, иако по својот обем бадниковиот маскенбал може да стане и примамлива туристичка атракција.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира