Минатиот месец во скопската Зоолошка градина се родија десетина младенчиња од различни видови. Прва радост во градината беа трите бели лавчиња, први кои се родиле после 20 години. Како што велат зоо негувателите, мајката Бела, која во Скопје дојде од Германија, е постојано со нив и деноноќно се грижи за лавчињата. Таткото Чака, пак, потекнува од Франција, а жител на Скопје е од 2020.
„Сите вработени се сложни дека ова е една од најубавите работи кои се случиле во Зоолошка градина Скопје, и постојано внимаваме мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите услови во внатрешното живеалиште каде што моментално се под постојан надзор. Посетителите ќе имаат можност да ги видат кога ќе бидат доволно возрасни да можат самостојно да се движат низ надворешното живеалиште, а кога ќе го дознаеме и полот на трите лавчиња ќе може да учествуваат во давање имиња на овие преубави бебиња“, велат од Зоолошката градина.
Покрај лавчињата се роди и белоракото гибонче кои зоо негувателите го крстија Мики. За првпат во градината има и младенче двогрба камила – малиот Буби, се родија и валаби кенгурче, лемур, патаси, камерунски кози, верверички, џуџести кози, најмалото мајмунче на светот од видот џуџест мармазет, берберска овца, зајчиња и младенчиња од неколку видови птици.
А. АНТЕВСКА