Хендикепот не значи и крај на животот, иако со една рака, човек добива сила да се докаже во професии каде успеваат луѓе со две раце, вели битолчанецот Мирко Костовски. Тој стана извонреден копаничар иако во несреќен случај пред педесетина години ја изгуби левата рака. Убавината и прецизноста на неговите резби оставаат впечаток како да ги работела група копаничари, а не уметник кој по игра на судбината останал инвалидизиран.
Неговата збирка брои стотици копаничарски дела, барани од македонски иселеници во Америка, Австралија, Шведска.
„Раката ја загубив во 1963 година, како младо момче додека бев на пракса во фабриката за шеќер во Битола. Ме фати машината и останав без лева рака. На почетокот беше тешко да се соочам со вистината, но потоа изнајдов сила во себе. Почнав да резбам. Морав да се занимавам, да ја менувам мислата. Прво работев со едно малечко ноженце , шрафцигерче, а подоцна од мојата рака излегоа уметнички дела“, вели Костовски.
Првата резба што ја направил откако ја загубил раката била табакера и ја подарил на татко му. Потоа се изродиле резби на икони, флора, фауна и други мотиви.
„Немам никакви проблеми со хендикепот, единствено што сум малку побавен зашто ја немам левата рака. Сè работам со сопствена сила, не можам да користам чекани, токмаци и други помошни средства“, додава копаничарот.
Дневно резба и по 20 часа. Негови дела красат црковни објекти низ земјава, но и куќи на многу битолски семејства. Ја има изработено дури и „Тајната вечера“по нарачка на наши иселеници во Америка.
Покрај копаничарството, голема љубов му е и Пелистер. Долги години работеше како домар на планинарскиот дом „Копанки“, кој изгоре пред четири и пол години.
„Имав една среќна околност што од време бев планинар. Се јави потреба да се вработи лице во планинарскиот дом ‘Копанки’ и влегов млад на работа. Цело работно време го поминав на Пелистер. Претходно, две-три години барав работа како инвалид и не можав да најдам. Среќа што планинарите ме знаеја сите како трудољубив, работлив човек иако без една рака и ме примија таму да работам“, додава Костовски.
Денес е пензионер и има повеќе слободно време да им се посвети на своите копаничарски изработки. Ги охрабрува инвалидизираните лица да ја најдат љубовта, талентот и силата во себе и да покажат дека животот вреди да се живее.
Нема официјална бројка колку лица во Македонија се со инвалидитет. Преку здруженијата често бараат подобри услови за живот и работа. На крајот на минатата година 1.448 лица со инвалидитет во Македонија барале вработување.
Ж. ЗДРАВКОВСКА