БИТОЛЧАНКА ИМА 97 ГОДИНИ И МЕМОРИЈА КАКО МЛАДА ДЕВОЈКА

    БИТОЛЧАНКА ИМА 97 ГОДИНИ И МЕМОРИЈА КАКО МЛАДА ДЕВОЈКАНурие Арсланоска се родила во 1920 година, преживеала војни, бомбардирања, глад, родила пет деца и денес има 30 внуци и правнуци во Македонија, Германија и Канада (Фото: СДК.МК)

    Работата ме одржа во живот, вели Нурие Арсланоска од Битола, која деновиве наполни 97 години. Проживеа безмалку еден век, а меморијата ја служи како млада девојка. Се родила во 1920 година, преживеала војни, бомбардирања, глад, рачно правела садови во домаќинството, садела ниви со тутун, жнеела по неколку погони жито, јадела качамак, често и скиселена маштеница, па сепак преживеала многу лета. Родила пет деца и денес има 30 внуци и правнуци во Македонија, Германија и Канада.

    По потекло е прилепчанка, но се омажила во Житоше. Присетувајќи се на младоста, вели „вие денес уживате, да сте здрави и живи, а ние тогаш молевме бога да се стемни за да одмориме од работа“.

    „Вие денес уживате, да сте здрави и живи, а ние тогаш молевме бога да се стемни за да одмориме од работа“, вели Нурие (Фото: СДК.МК)

    „Дома месевме, се мачевме, црепни правевме, носевме глина од планина, ја газевме, мевлем ја правевме, голема колку тепсија. Ќе ги измазниме со вода и ќе ги оставевме да се исушат.  Имавме стока, со бутин млекото го превевме маштеница, ќе скиселеше, ние пиј, галјле немавме од ништо. Жетва ќе имавме, ќе жниевме од утро до мрак, снопје ќе врзуваме, цела ноќ ќе вршиме со коњите. Земи го житото, слама вади, стогој прави, сено, сѐ рачно. И еве, сум уште жива“, вели Арсланоска.

    По цел ден работа по нивите, на крај дома се бањале со парчиња глина, за која колку и да не наликувала на модерните хигиенски средства, денес сме сведоци за нејзиното полезно дејство во бањските третмани.

    „Сапун немавме, прашок исто така. Со пепел перевме и миевме. Се бањавме со ума, тоа е глина во Порече. На парчиња продаваа ока глина за ока жито. Ќе влеземе да се капеме, ќе се мачкаме, ќе тече кал, онаква со каква денес се маскираат. Ќе ставевме котле на огништето, ќе тупаме дрва, а облеката ќе се вари како качамак, ќе ја триеме со пепел. Не баравме бели да бидат само чисти да се“, раскажува Нурие.

    Тогаш кога мислела дека нема потешко, фатила Втората светска војна. Ја памети германската војска со борбени возила во кои назад имало казани во кои се варела храна за војниците да не бидат гладни. Тогаш од Бугарите научиле дека зелката не се јаде само како салата или за туршија, туку може да се готви и како манџа.

    „Кога се наполни небото со авиони штуки. Поцрне. Почнаа да бомбардираат, бегавме, се криевме на Маркови Кули. Кој се спаси, преживеа. Јас пак бев бремена. Бугарите леб ни даваа со купони, пченкарница голема колку шаката. Ние бевме 12 души, ќе седнеше свекрва ми и ќе ни делеше по некој залак“, вели Нурие.

    Нурие со еден од синовите кој живее во Германија (Фото: СДК.МК)

    По пеколот што го преживеале слегле партизаните од планините и го ослободиле Прилеп. Потоа грмнале песни за славење. По ослободувањето се преселиле во Битола. Во една куќа живееле четири браќа со снаите и 30-тина деца. Сите се почитувале меѓу себе и си помагале.  Преживувале со одгледување тутун.

    „Кога ќе видам војници и денес се сеќавам дека фустан носев сошиен од шаторско крило. Жежеше како тенеќе, студеше како мраз. Но, сум жнеела, ќе се стори фустанот трокиран од потта, напишан ко роман. Спиевме по полињата, за да работиме, грутка ќе ставиме, како перница за да навалиме глава. Сме послале едно килимче, сме легнале, ама грутки има, кој гледа, спиј и ќути. Станавме да жнееме, кога ќе го кренам јорганот гледам голема змија, над неа сум спиела и не ме повредила“, вели Нурие.

    Денес, на 97 години, е уште витална и подвижна. Боледува од покачен шеќер, синовите ѝ се во странство, а ја догледуваат ќерките. Нејзиното мото е дека долговечноста ѝ ја должи на работата, вели тешкиот живот човека го прави посилен од камен.

     Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира