Велешкиот Црвен крст доби благодарница стара 88 години, благодарение на Дејан Перков, кој ја пронашол во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“.
„Тој ни достави благодарница која властите во тогашното Кралство Југославија му ја врачиле на учителот Новак Ѓурков(иќ) на 26.12.1936 година. Таа е на српски јазик и на истата се прикажани и мотиви со хумана димензија“, вели Орце Николов, секретар на Општинската организација на Црвен крст Велес.
На благодарницата е запишано: „Под висока заштита на нивните величества Кралот и Кралицата, Организацијата на Црвен крст на Кралството Југославија, почитувајќи ги заслугите на Црвениот крст, го одликува со БЛАГОДАРНИЦА Ѓурковиќ Р. Новак, учител од Велес“. Таа е заверена со архивски број 19.940.
Благодарницата е врамена и изложена во просториите на Општинската организација на Црвен крст во Велес.
П. ПЕЧКОВ