ДА НЕ БЕА ВАШИТЕ ПРОТЕСТИ, ЈАС СЕГА ЌЕ БЕВ ЗАД РЕШЕТКИ, РЕЧЕ ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ НА КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

    ДА НЕ БЕА ВАШИТЕ ПРОТЕСТИ, ЈАС СЕГА ЌЕ БЕВ ЗАД РЕШЕТКИ, РЕЧЕ ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ НА КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕАлабаковски го пееше хитот на групата „Меморија“, „Оган под ѕвездите“, и стихот „единствено што можам е да излезам со вас на парадите“, го смени во „со вас на протестите“ (Фото: СДК.МК)

    „Да не бевте вие и вашите протести, јас сега ќе бев зад решетки“, ѝ рече Ламбе Алабаковски на публиката на неговиот концерт вчера во Скопје, во „Јавна соба“.

    Поп-пејачот го пееше хитот на групата „Меморија“, „Оган под ѕвездите“, и стихот „единствено што можам е да излезам со вас на парадите“, го смени во „со вас на протестите“. Алабаковски доби голем аплауз од публиката кога објасни зошто пее „протестите“ место парадите.

    Во јуни во 2022,  полицијата го приведе познатиот македонски пејач како осомничен за подметнатиот пожар во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

    На октомври во 2023, Алабаковски рече дека постојано добива пораки со смртни закани за него и неговото семејство, како сведок на Обвинителството, во судењето што во Основниот суд во Битола се водеше против претседателот на бугарскиот клуб од Битола, Љупчо Ѓоргиевски. Претседателот на клубот беше обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Алабаковски за време на сведочењето носеше блуза на која беше исцртано македонското знаме.

    „Сметам дека во срцето на Македонија, поточно во Битола, де факто и де јуре, не смее да има таков клуб со име на докажан фашист како што е Ванчо Михајлов“, рече Алабаковски.

    Ламбе Алабаковски направи весела атмосфера со неговите хитови (Фото: СДК.МК)

    Концертот на Ламбе беше прв по десет години во Скопје. Во 2021, по неколку години живеење во Америка, тој со сопругата и со двата сина се врати во Битола.

    „Имам специјални гости тука вечерва. Прв е мојот татко, тој по долго време дојде да ме слуша како пеам. Тука е и продуцентот Николче Мицевски со сопругата“, рече Алабаковски на концертот.

    Ламбе е по потекло од преспанското село Љубојно. Мајка му почина кога беше многу млад, на почетокот од музичката кариера. Алабаковски вели дека тогаш, најголема поддршка во кариерата му биле татко му Лазар, брат му и баба му Менка. Во времето кога пејачот беше во притвор, татко му кој свири гитара и е колекционер на плочи јавно му даде поддршка на социјалните мрежи.

    Лазар Алабаковски дојде од Љубојно на концертот на синот (Фото: СДК.МК)

    Весела атмосфера со неговите хитови „Море од солзи“, „Да не те љубев“, „Ех да можам да го вратам времето“ која им ја посвети на сите што се починати направи Алабаковски на концертот, а публиката пееше со него цело време и го побара на бис. Ламбе пееше и песни од Тоше, Драган Мијалковски, Ристо Самарџиев, и на крајот неколку македонски народни. Заврши со „Бисер Балкански“, неговата омилена песна од Гоце Николовски.

    Со неговиот бенд „Марифет“ кој го придружуваше на настапот, најави поголем концерт во Скопје, откако ќе помине една година по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кој се случи на 16 март.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира