Францускиот суд донесе пресуда за кражбата на вредни примероци книги од рускиот писател Александар Пушкин од 19 век од неколку престижни библиотеки во Париз и Лион. Шестмина државјани на Грузија беа осудени во Париз на казни кои се движат од условна казна од 18 месеци до седум години затвор поради кражба на руски книжевни класици.
Само во Националната библиотека на Франција загубата се проценува на 770.000 евра. Меѓу украдените дела имало книги од Александар Пушкин, вклучувајќи и прво издание на „Борис Годунов“ (1825), како и дела од Михаил Лермонтов и Николај Гогољ. Обвинителот кражбата ја нарече „вистинска кражба на богатство“, истакнувајќи дека станува збор за „масовна, организирана операција, испланирана и спроведена со исклучителна прецизност и цинизам“.
Овој случај е дел од бран кражби насочени кон библиотеки низ Европа по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022. Се смета дека зад нив стои организирана мрежа која можеби е поврзана со Москва и дека кражбата била обид за враќање на руското културно наследство во матичната земја.
Шестемина обвинети, пет мажи и една жена, беа прогласени за виновни за учество во криминално здружение, а некои од нив и за кражба на изложени културни добра.
Според истрагата, крадците ги посетувале библиотеките под изговор дека сакаат да ги проучуваат ретките изданија. Тие ги фотографирале и детално ги мереле книгите, а потоа ги враќале на нивното место заменети со речиси непрепознатливи фалсификати.
На двајца од осомничените им беше судено во отсуство, бидејќи претходно биле уапсени во Грузија, нивната матична земја, која не ги екстрадира своите државјани. Двајца од обвинетите, идентификувани како Михаил З. и Бека Т., претходно биле осудени и затворени во балтичките држави за слични кривични дела и привремено биле предадени на Франција за да им се суди.
Педесетгодишниот Михаил З. ја доби највисоката казна, седум години затвор, како и трајна забрана за влез во Франција по отслужувањето на казната. Минатата година тој беше осуден во Литванија на три години и четири месеци затвор за организирана кражба на публикации од 19. век во вредност поголема од 600.000 евра.
Во јуни 2024, руската аукциска куќа „Литфонд“, специјализирана за ретки книги и антиквитети, во својот каталог вклучила второ издание на поемата на Александар Пушкин „Заробеникот од Кавказ“, кое одговарало на примерок украден од Националната библиотека на Франција. Аукциската куќа ги известила француските власти дека поседува документи кои покажуваат дека книгата била купена од нејзиниот сопственик во Русија во периодот меѓу 2014 и 2015 година.
Според француските судии, овие кражби можеби се дел од поширока кампања за враќање на руското културно наследство во Русија, во услови на зголемени тензии меѓу Москва и Европа по инвазијата врз Украина.
Ниту едно од украдените дела досега не е пронајдено, но адвокатот на Националната библиотека на Франција, Александар де Кон, за АФП изјави дека институцијата „сè уште не ја изгубила надежта“ дека тие ќе бидат пронајдени.



