Годинешното одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата, 46-годишната Билјана Блажеска ќе го памети цел живот. Нејзината посветеност на работата беше валоризирана, доби должност од претседателот Стево Пендаровски да биде негов помошник и советник за воени прашања. Пендаровски ја назначи за негов аѓутант и со тоа таа стана првата жена која ќе ја извршува оваа должност.
„Тој ден бев унапредена во чин полковник, добив златна значка за заслуги во Армијата и бев поставена на должност аѓутант на Претседателот. Амбициозна сум и нешто кога ќе посакам го остварувам со многу работа и посветеност. Да, сум посакувала во мојата кариера да имам можност да бидам помошник и советник за воени прашања на Претседателот. Свесна сум дека оваа должност носи голема одговорност, но сигурна сум дека ќе ја извршувам со голема посветеност, најпрофесионално и најодговорно“, вели Блажеска во разговор за САКАМДАКАМЖА.МК.
Полковник Блажеска е дипломиран ангроном-инженер, но вели дека поради тоа што потекнува од семејство на воени лица и таа отсекогаш посакувала да биде дел од Армијата.
„Пораснав со трубата на војската. На времето, воените лица живееле во близина на касарните. Токму тоа, а и гледајќи го татко ми со неговите обврски, ми беше предизвик да одам во друга насока, а не да бидам агроном-инженер. По завршување на студиите, во 2000 година се пријавив на курсот за офицери за служби во Армијата. Девет месеци бев на Воената академија во Скопје, курс за оспособување на офицери за служби во Армијата. По завршувањето на академија бев промовирана во чин поручник. Почнав од најосновното, командир на вод во касарната во Ѓорче Петров, за да ја запознаам проблематиката на Армијата, да видам како живее еден војник. Поради мојата посветеност кон работата за брзо време бев именувана за заменик-командир на чета, а со трансформациите во Армијата во 2004 година кога бев прекомандувана во касарната во Велес, бев промовирана во командир на чета. Бев меѓу првите жени во Армијата кои ги извршувале овие должности. Потоа мојата кариера се одвиваше во насока на штабен офицер во областа на логистиката“, раскажува за својата кариера Блажеска, која е дел од втора генерација на жени во Армијата.
За назначувањето аѓутант на претседателот Стево Пендаровски се вршело интервју на повеќе кандидати, а токму Билјана била таа која ги исполнила бараните критериуми на претседателот.
„Првото запознавање со претседателот Пендаровски беше токму на интервјуто. Бев возбудена, но разговорот течеше многу спонтано. Чест ми е дека токму јас ги исполнив бараните критериуми и од сите пријавени машки и женски кандидати јас станав аѓутант на Врховниот командант. Моите должности се да бидам советник за воени прашања и негов придружник при државнички настани во земјата и во странство. Надлежна ќе бидам за протоколарни активности при прием на странски делегации кои се во посета на земјава, за службени посети во странство, како и советување при решавања на одредени прашања во врска со безбедноста на земјата“, вели Билјана.
Учествувала во повеќе НАТО вежби, а мината година 7 месеци била во мисија во Авганистан. Оценувач е на декларираните единици на Армијата согласно Концептот за оперативни способности на НАТО.
„Од јуни 2018 до јануари 2019 година бев на мисија во Авганистан. Не е едноствано да се биде жена и мајка во мисија. Бевме 4 жени, што е доказ дека жените можат рамо до рамо со мажите да ги извршуваат обврските во една средина која не е ни малку лагодна. Авганистан беше големо искуство за самозапознавање, да си докажеш самиот себеси колку вредиш и колку можеш“, вели Билјана додавајќи дека без поддршката од сопругот и двете ќерки не би можела да стигне до должноста аѓутант на Врховниот командант.
Да се биде жена во Армијата, вели Билјана, на почетокот на нејзината кариера не било воопшто лесно. Иако најголем товар носеле жените од првата генерација, сепак и таа како дел од втората генерација жени во Армијата морала да се бори со предрасудите и поделбите на женска и машка професија.
„Да нацрта некој војник ќе биде маж, нема да биде жена. Не беше лесно, беше тешко да прифатат дека и жената знае да биде војник, знае да ја носи униформата, знае да воспитува млади луѓе во духот на Армијата, да се носи со сите обврски како дежурства, одење на вежби, на тревоги. Со тек на време, и машките сфатија дека не помалку одговорни сме ние и можеме да ги извршиме обврските. Можеби требаше време, но покажавме авторитет, способност и професионализам“, вели Билјана.
А. АНТЕВСКА