ЕМ ФАЌАМЕ РИБА, ЕМ НИ ПОМИНУВА ВРЕМЕТО – РИБАРСКИ ПРИКАЗНИ ОД КЕЈОТ НА ВАРДАР ВО ВЕЛЕС

    ЕМ ФАЌАМЕ РИБА, ЕМ НИ ПОМИНУВА ВРЕМЕТО – РИБАРСКИ ПРИКАЗНИ ОД КЕЈОТ НА ВАРДАР ВО ВЕЛЕС„Невработени сме, кој технолошки вишок, кој стечаец и нема каде да го минеме времето па на риболов. Ќе поминеме по четири пет саати ќе дојде време за ручек и пат за дома“, велат рибарите во Велес (Фото: СДК.МК )

    Секојдневно на кејот од реката Вардар во центарот на Велес, оваа доцна есен иста слика. На десетици рибари, исто толку публика, целта им е да им мине времето, објаснуваат и едните и другите. Вака времето го минуваат дел од бројните велешки стечајци, технолошки вишок, невработени. Не им пречи ниту студот, ниту ветерот. Поголемиот број од нив тука се присутни во повеќе денови од неделата, без неоправдано отсуство. Така е во поголемиот дел од годината, вклучувајќи ги и овие зимски месеци.

    „Невработени сме, кој технолошки вишок, кој стечаец и нема каде да го минеме времето, па доаѓаме на риболов. Не можеме да одиме далеку, бензинот скап, кола повеќето немаат и затоа сме на кејот кај автобуска или на хотелот ‘Вила Зора’. Ќе поминеме по четири пет саати ќе дојде време за ручек и пат за дома“, вели рибарот Зоран, кој покажувајќи ја рибарската дозвола докажува дека има 35 годишен стаж во риболовното друштво „Бабуна“.

    Риболовот е задоволство и рекреација, а кофите со рибна се полни иако надлежните тврдат дека Вардар низ Велес е мртва река од големата загаденост (Фото: СДК.МК )

    И останатите негови колеги кои се тука се со регулиран престој, со легална дозвола, нема ништо нечесно, на диво или рибокрадство. Сакаат барем вака да го збогатат домашното мени, и да ја зајакнат тенката куповна моќ, оти рибата завршува на домашната трпеза, а некои и ја продаваат. Похрабрите се и до појас во реката Вардар, тврдат не им било студено, ниту се разболеле, иако температурата е нешто над нулата.

    „Од престојот тука имаме корист, ќе фатиме нешто риба, ќе однесеме дома на масата да има месо па макар и рибешко. А нема да бидам и досаден на моите и тие викаат ‘Мавни се од дома’, па така на одредено време сите сме среќни и задоволни. Подобро вака да им помагам на домашните , отколку да стојам пред фонтана бадијала. Згора на тоа беше празникот Св. Никола и рибата се бараше и купуваше“, објаснува Миле, поранешен вработена, сега технолошки вишок од „Порцеланка“.

    На десетици рибари, исто толку публика, целта им е да им мине времето, објаснуваат и едните и другите (Фото: СДК.МК )

    Риболовот е задоволство и рекреација, а кофите со рибна се полни иако надлежните тврдат дека Вардар низ Велес е мртва река од големата загаденост.

    „Сепак се фаќа нешто, мрена скобал, колку да не си одиме дома со празни раце. Затоа можат да се најдат речни ракови, а кај мостот на Башино село има уловени и речни пастрмки. Пред некој ден кај едно мостче беше уловена пастрмка. Оваа не е рибарска, сите што беа тука ќе посведочат. Има фатено неколку парчиња есенва, што укажува дека од Скопје каде реката ја порибуваат со неа, таа стигнува до Велес. И ладната вода и погодува да опстане. Тоа укажува дека реката полека низ градот се чисти“, уверуваат рибарите тврдејќи дека ова не е една од рибарските приказни.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари