ФАЛА ТИ ВО ИМЕ НА СТОТИЦИ ОПЕРСКИ ЅВЕЗДИ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ РЕНАТО ЗАНЕЛА НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА НА АКИ НУРЕДИНИ, ВИЕНЧАНЕЦ ОД КАМЕЊАНЕ

    ФАЛА ТИ ВО ИМЕ НА СТОТИЦИ ОПЕРСКИ ЅВЕЗДИ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ РЕНАТО ЗАНЕЛА НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА НА АКИ НУРЕДИНИ, ВИЕНЧАНЕЦ ОД КАМЕЊАНЕНуредини и Занела ја промовираа книгата „До ре ми фа СОЛЕ“, која беше издадена пред 5 години, а која е посветена на ресторанот „Соле“, со сите животни приказни на светските оперски имиња кои станаа пријатели на Аки (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Во Скопје не сум дојден како Ренато Занела, туку во име на стотици светски оперски ѕвезди кои му се благодарни за сѐ на Аки“, рече вечерва во Македонската опера и балет (МОБ) светски познатиот режисер и кореограф, на настанот насловен како „Вечер со Аки Нуредини“.

    МОБ како дел од Мајските оперски вечери ја организираше промоцијата на книгата на Нуредини, родум од тетовското село Камењане, кој е сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, омилено место на оперскиот џет-сет и на австриските политичари и дипломати.

    Занела, кој бил уметнички директор на Виенската државна опера, како и на Грчкиот национален балет во Атина, во МОБ го промовираше македонското издание на книгата „До ре ми фа СОЛЕ“, која беше издадена пред 5 години, а која е посветена на ресторанот „Соле“, со сите животни приказни на светските оперски имиња кои станаа пријатели на Аки.

    Весел и непосреден, искрено кажа дека не сакал да пишува книги, но пријателите како Ренато, Пласидо Доминго и Ана Нетребко го убедиле да пишува, и така ја напишал книгата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Самиот Нуредини пак во Виена е познат како неформален амбасадор на Македонија бидејќи неговиот ресторан е сврталиште на македонски политичари, бизнисмени, уметници и добронамерници кои го посетуваат австрискиот главен град, или како што рече вечерва тој самиот, „Соле“ не е ресторан, туку институција, интересен спој на култура и политика.

    Вечерта ја отвори Аки, кој ѝ се заблагодари на сопругата со која се заедно 43 години и која го поддржува низ целиот свет.

    Весел и непосреден, искрено кажа дека не сакал да пишува книги, но пријателите како Ренато, Пласидо Доминго и Ана Нетребко го убедиле да пишува, и така ја напишал книгата, чие прво издание со тираж од 7.000 примероци брзо се распродало и потоа ја реиздале.

    Аки сподели дека во 1981 година, како дете, заминал за Белград и оттаму за Виена, вели, поради класичната музика и културата. Не било лесно, но вели, имал среќа.

    „Позитивноста и желбата секојдневно да ги спојувам луѓето, тоа е мој специјалитет, моја пасија. Со позитивна мисла, сѐ е е можно“, рече Аки.

    Занела рече дека каде и да патува низ светот, во Мадрид, Лондон, Њујорк, нема кој не го прашал како е Аки, бидејќи сите уметници го чувствуваат дека е дел од нивниот секојдневен живот.

    „Во 1983 година, после една проба, јас млад танчар, бев мртов гладен и уморен и барав место каде да јадам, сакав италијанска храна.

    Влегов во ‘Соле’, прашав дали е сѐ уште отворено, бидејќи веќе беше доцна, но Аки ми рече : ‘Влези, ќе подготвиме нешто“. Оттогаш, до ден денес седиме на истата маса, со истата топлина и ентузијазам“, рече Занела.

    Како голем пријател на Аки, тој на 26 април им се придружи на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димиров и Никос Коѕијас на вечерата во „Соле“ по завршувањето на рундата преговори за разликите околу името.

    Режисерот продолжи дека уметниците во нивната професија се многу осамени, и затоа многу им значи поддршката на Аки, за кого сите велат, рече тој, дека е уметник, креативец, пријатен и инспиративен човек кој има многу идеи.

    „Позитивноста и желбата секојдневно да ги спојувам луѓето, тоа е мој специјалитет, моја пасија. Со позитивна мисла, сѐ е е можно“, вели Аки (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Во книгата има најврвни уметници, но за нас, Аки е ѕвездата“, рече тој, за кого Аки во говорот откри дека ќе работи во МОБ.

     

    Топлата атмосфера со гостите, семејството и пријателите продолжи со рециталот со сопранот Ирена Крстевска и тенорот Дарко Нешовски, во пијано придружба на Андреј Наунов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира