ФАТАЛНАТА ПРИВЛЕЧНОСТ НА ТАНГОТО – ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПРЕМИЕРАТА НА „ЛИБЕРТАНГО“ ВО МОБ

    ФАТАЛНАТА ПРИВЛЕЧНОСТ НА ТАНГОТО – ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПРЕМИЕРАТА НА „ЛИБЕРТАНГО“ ВО МОБПримабалерината Александра Мијалкова и првенците солисти Васил Чичијашвили и Мими Поп Алексова- Атанасовска ги играа Асунта Манети- Пјацола, Висенте Пјацола и познатата аргентинска танго танчарка Марија Нивес Рего (Фото: М. Златевска)

    Долгиот апплауз во тактот на една од најубавите и најпопуларни танго-композиции на 20 век, „Либертанго“ ја поздрави бројната екипа на истоимената балетска претстава, која премиерно се изведе синоќа во полниот салон на Македонската опера и балет.

    Сопругот на примабалерината Мијалкова, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков со нивните синови, Јордан и Александар. Сашо Мијалков е еден од обвинетите во случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) чии судења се во тек. (Фото: М. Златевска )

    Препознатливите звуци на тангото, или танцот на страста, желбата, љубомората и љубовта не оставаат никого рамнодушен, па така публиката топло и искрено го поздрави одлично спакуваниот пакет со атрактивна музика, неокласични балетски чекори и елегантни костими и дизајн.

    Поранешниот премиер Владо Бучковски со сопругата (Фото: М. Златевска)

    Кореографијата ја работеше реномираната италијанска кореографка и поранешна балерина, Сабрина Боско со асистентите кореографи Горан Божинов и Олга Панго, а либретото за богатата животна приказна на еден од најдобрите композитори за танго, Астор Пјацола и режијата се на Наташа Поплавска.

    • ВО ТАНГОТО СЕ ВАЖНИ ЧУВСТВАТА, ВЕЛИ ИТАЛИЈАНСКАТА КОРЕОГРАФКА БОСКО ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТ „ЛИБЕРТАНГО“ ВО МОБ СО ПРИМАБАЛЕРИНАТА МИЈАЛКОВА И ПРВЕНКАТА ПОП-АЛЕКСОВА АТАНАСОВСКА

      В.д директорот на МОБ, Ќазим Асотиќ/ Уметничката директорка на Балетот, Олга Панго која беше и асистент на кореографија за претставата „Либертанго“ (Фото: М. Златевска)

    Приказната почнува со патот на италијанското семејство Пјацола до ветената земја Аргентина, за родителите на познатиот композитор, неговиот живот како дете и веќе како остарен, но и за неговата идеја да се занимава со џезот, класиката и музиката на трите народи на Италија, Шпанија и на Аргентина, за да заврши со познатото „Либертанго“ или „Танго на слободата“.

    Екс-министерката за надворешни работи, Илинка Митрева меѓу гостите на премиерата (Фото: М. Златевска)

    Во главните улоги настапија првенците на Балетот: примабалерината Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Мими Поп Алексова- Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Марија Јосифовска-Ристовска, како и уште дваесетина солисти и членови на ансамблот.

    Првенецот-солист на Балетот, Бобан Ковачевски и Тања Вујисиќ- Тодоровска, главен педагог и репетитор во МОБ (Фото: М. Златевска)

    Сценографијата и костимите се на Александар Ношпал, а за дизајнот на светло беше задолжен Милчо Александров.

    Кореографката од Италија, Сабрина Боско, која од лани работи како балет-мајстор во МОБ (Фото: М. Златевска)

    Впечатокот ќе беше комплетен доколку музиката се изведуваше во живо со Оркестарот, наместо на лента, но, како што вели уметничката директорка на Балетот, Олга Панго, немале доволно пари за да ги откупат авторските права, па така изборот на композиции го направиле заедно со уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска и со кореографката Боско.

    Костимите и сценографијата се на Александар Ношпал (Фото: М. Златевска)

    Репризата е в сабота од 20 часот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира