Британскиот принц Филип, чија животна улога повеќе од 70 години беше да биде поддршка на кралицата Елизабета Втора, почина денеска на 99 години.
Неговиот живот опфаќа речиси еден век европска историја, почнувајќи од раѓањето на грчкиот остров Крф. По таткова линија, тој бил наследник и на грчкиот и на данскиот престол, но од Грција избегал во кутија за овошје кога имал само 18 месеци среде Грчко-турската војна. Националноста на Филип долго време била нејасна и станала предмет на жестока политичка дебата во пресрет на неговата венчавка со Елизабета во 1947 година.
Филип, всушност, бил далечен роднина на Елизабета. Тие биле трети братучеди и таа призна дека се вљубила во него уште кога имала 13 години.
Позицијата на Филип била предизвикувачка, зашто сопругот на кралицата нема официјална улога. Тој секогаш одел три чекори зад неа во јавноста, но бил глава на фамилијата во приватноста.
Во текот на својот живот, Филип бил вклучен во повеќе од 20.000 кралски ангажмани кои ги зајакнувале британските интереси дома и во странство. Предводел стотици хуманитарни организации, основал програми за деца и, најважно е сѐ, имал значајна улога во одгледувањето на четирите свои деца, од кои принцот Чарлс еден ден ќе го наследи тронот.
Филип, кој на денот на венчавката ја добил титулата војвода од Единбург, ќе биде запишан во историјата како најдолговечниот животен сопатник на еден британски монарх и со децении беше најенергичниот член на британското кралско семејство. Почина два месеца пред 100. роденден.