ФОТОГРАФИИТЕ НА ДЕЦАТА ОД МАЛИТЕ ГРУПНИ ДОМОВИ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ И ОНЛАЈН ЗА ДА СИ КУПАТ ФОТО-ОПРЕМА

    ФОТОГРАФИИТЕ НА ДЕЦАТА ОД МАЛИТЕ ГРУПНИ ДОМОВИ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ И ОНЛАЈН ЗА ДА СИ КУПАТ ФОТО-ОПРЕМАФотографиите ќе продолжат да се продаваат и може да се видат на Инстаграм профилот https://www.instagram.com/nos.creare/, а од идната недела и на интернет-страницата www.creative.com.mk (Фото: К. Попов )

    Во полниот Чифте амам синоќа во присуство на министри, преставници од меѓународните организации, амбасадите и граѓанскиот сектор се отвори изложбата „Nos Crearе“ со 28 фотографии на млади фотографи, деца сместени во малите групни домови, дел од процесот на деинституционализација на Јавната установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25 мај“ во Скопје. Изложбата е продажна, а целта е со собраните средства младите уметници да купат професионална фото-опрема.

    Фотографиите ќе продолжат да се продаваат и може да се видат на Инстаграм профилот, а од идната недела и на интернет-страницата www.creative.com.mk.

    Изложбата е поставена во Чифте амам (Фото: К. Попов)

    „Децата од малите групни домови се наша голема гордост! Нивните успеси се доказ дека секое дете има потенцијал во кој целото општество треба да вложува. Затоа и понатаму ќе вложуваме, за секое дете и секој млад човек да има еднакви шанси! Им благодарам од се срце на сите кои беа дел од организација на изложбата. На мое огромно задоволство, 75 отсто од децата ги извадивме од големите безлични институции. Со добри политики и вистинска грижа, сите заедно растеме, градиме хумано и праведно општество, бидејќи сите деца заслужуваат љубов и топол дом“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    Работеле на различни локации низ Скопје, (Градски парк, Стара чаршија, Плоштад Македонија, Кале.) а исто така, низ различни локации низ државава како: Крушево, Дојран, Охрид, Галичник, Маврово, Дебар и други места кои изобилуваат со убави пејзажи и панорами (Фото: К. Попов)

    Социјалниот работник Александар Митаноски, кој е и координатор на малите групни домови, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека работилниците по фотографија траеле од ноември лани до јуни годинава.
    „Иницијативата произлезе од професионален фотограф кој волонтерски имаше желба и посветено работеше да ги пренесе неговите знаења и фотографски вештини на децата. Во креативните фотографски работилици беа вклучени деца, младинци на различна вораст од 14 до 18 години, од сите пет мали групни домови, кои од првиот до последниот час беа мотивирани да учествуваат и да ги развиваат нивинте фотографски вештини“, вели Митаноски.

    Колаж од фотографиите на децата од малите групни домови (Фото: К. Попов)

    „Особено се радуваме што сите заедно го видовме творечкиот дух на нашите деца кои половина година низ практична и теоретска едукација на различни локации низ државата како дел од фото-сафари работилниците создадоа 28 уметнички фотографии. Истовремено се гордееме со успешноста на процесот на деинституционализација што го води Министерството за труд и социјална политика со меѓународните партнери“, рече Владо Караев, дел од тимот на трансформираната институција „25 Мај“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира