ИТАЛИЈА И ХРВАТСКА ВО БИТКА ЗА ИМЕТО ПРОСЕКО

    ИТАЛИЈА И ХРВАТСКА ВО БИТКА ЗА ИМЕТО ПРОСЕКОВиното познато како просекар ги дели корените со својот попознат пенлив братучед просеко. (Фото: АП)

    Во малите џебови на терасовиден терен со поглед на заливот што го делат Италија, Словенија и Хрватска, Милош Скабар ја оживува вековната традиција на производство на вино познато како просекар, која ги дели корените со својот попознат пенлив братучед просеко. Но, оваа скромна газирана мешавина, практично непозната надвор од италијанскиот пристанишен град Трст, каде што се прави на појасот помеѓу Јадранското Море и Словенија, е предмет на акутен спор: производителите на италијанското многу популарно пенливо вино просеко се борат да ги спречат хрватските винари да го користат името прошек за нивното слатко десертно вино.

    Неколку производители на просекар се надеваат дека ќе ги искористат своите врски со родното место на просеко, веднаш над Трст, за да добијат поголемо признание за нивното вино, но се загрижени дека и нивното име е во опасност.

    „Виното просекар е оригинално, бидејќи е родено 300 години пред просеко“, вели Скабар. „Значи, тоа е таткото на просекар, просеко, прошек и сите останати“.

    Знак на два јазика, италијански горе и словенечки долу, што го означува селото Просеко, во близина на Трст, Италија,  во близина на словенечката граница. (Фото: АП)

    Во битката во прашање не е само светоста на просеко, најпродаваното вино во светот, туку и системот на географски ознаки на Европската унија создадени за да се гарантира посебноста и квалитетот на ракотворната храна, вино и алкохолни пијалаци, велат бранителите. Тој пазар вреди речиси 75 милијарди евра годишно – половина од тоа од вино, според студијата на Европската комисија од 2020.

    Италијанската влада вети дека ќе го брани името на просеко, а другите производители на заштитени производи со различни географски корени, од италијанското сирење пармиџано реџано до францускиот шампањ, се мобилизираат додека Европската комисија се подготвува да ја разгледа петицијата на Хрватска за означување на своето вино со традиционалното име прошек.

    „За нас не е проблемот што овие производители, кои прават многу мал број шишиња, влегуваат на нашиот пазар. Но, тоа е конфузијата што може да ја создаде кај потрошувачите“, рече Лука Џави, генерален директор на конзорциумот „Просеко ДОЦ“, кој го промовира просекотo и го гарантира квалитетот на вината под ознаката „деноминација на контролирано потекло“ на ЕУ.

    Хрватска тврди дека името и традицијата на прошек се стари со векови, што ѝ претходи на заштитата на просеко во системот на ЕУ и дека неговото место како десертно вино го прави различно од просеко.

    „Потрошувачите нема да бидат збунети од ова“, рече Ладислав Илчиќ, хрватски пратеник во Европскиот парламент, во неодамнешната дебата. „Прошекот треба легитимно да ја добие заштитената деноминација на потекло, а производителите треба да имаат целосен пристап до пазарите“.

    Спорот, кој ќе биде решен во наредните месеци, најверојатно ќе ја вклучи приказната за потеклото на просеко, која произлегува од двојазичното италијанско село Просеко во близина на словенечката граница над Трст, каде што некогаш цветало винопроизводството. Токму тука, велат етничките словенски Италијанци кои го прават просекар, потекнува грозјето познато како глера – основата и на просеко и на просекар. Но, покрај заедничките етимолошки корени, просекар, просеко и прошек имаат малку заедничко.

    Просеко, направено претежно од грозјето глера, го произведуваат три конзорциуми кои опфаќаат девет италијански провинции во алпското подножје вдолж Јадранското Море. Тие произведуваат повеќе од 550 милиони шишиња годишно. Прошек е слатко вино направено во Далмација со суво хрватско грозје, но не е глера, и може да биде црвено или бело. Просекар, од друга страна, е еднаква мешавина на глера и две други грозја, што ја прават помалку од десетина микропроизводители. Во изминатите децении, просекар главно се произведуваше дома и се делеше меѓу пријателите, семејството и соседите, често се служи од ад-хок таверни во приватни куќи.

    Во денешно Просеко, винарите што прават просекар се надеваат дека бидејќи ЕУ го вклучила самото село во географската територија за заштитеното вино, тие би можеле да имаат шанса да го прошират својот пазар за просекар, за кој велат дека првпат бил направен во 1548 година. Но, бидејќи нивното вино не ја доби ознаката во ЕУ, на производителите на просекар им е забрането исто како и на производителите на прошек да го користат името. Тие досега немаа проблем ако не продаваат подалеку од Трст, вели Андреј Боле, производител на просекар од шестата генерација.

    „Ние сме одметници, но засега сме толерирани“, вели Боле.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира