Италијански готвач во ресторан во Бризбејн, Австралија, одбил да стави ананас на пица, нарекувајќи го тоа „навреда за неговата култура“. Откако добил отказ, ја загубил и правната битка против ресторанот.
Во 1962, Гркот Сем Панопулос, кој со своите браќа водел ресторан во Канада, одлучил да го потресе кулинарскиот свет додавајќи ананас на пицата. Оттогаш, хавајската пица, која не го добила името по американската сојузна држава, туку по конзервираниот ананас од компанијата „Hawaiian Pineapple Company“, е тема на жестока дебата.
Готвачот Давиде Тамбурела изјавил дека барањето да стави ананас врз шунката е навреда за неговата култура, стои во одлуката на австралиската Комисија за правични работни односи. Ова било третпат во последните четири години да одбие барање да подготви хавајска пица. Претходно, тој побарал од својот шеф да провери „колку им е важно на Италијанците да не ставаат ананас на пица“.
Во мај, тој добил отказ од ресторанот „Ла Коста“, кој во меѓувреме е затворен. Неговите претпоставени, исто така, изразиле загриженост за наводната употреба на вулгарен речник, зголемената фрустрација на работното место и за начинот на кој комуницирал.
По отказот, Тамбурела се обратил до австралискиот национален суд за работни односи, тврдејќи дека неправедно бил отпуштен. Според последните информации, незадоволниот готвач ја загубил правната битка, бидејќи судот ја отфрлил неговата тужба.
Тамбурела сега работи како главен готвач во друг ресторан во Бризбејн.



