ЈАС СУМ ЕДИНСТВЕНАТА ИДНИНА, ВЕЛИ АДВОКАТКАТА ЛЕА ЦЕМЕЛ КОЈА 50 ГОДИНИ БРАНИ ПАЛЕСТИНЦИ ВО ИЗРАЕЛ, ХИТ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО СОЛУН

    ЈАС СУМ ЕДИНСТВЕНАТА ИДНИНА, ВЕЛИ АДВОКАТКАТА ЛЕА ЦЕМЕЛ КОЈА 50 ГОДИНИ БРАНИ ПАЛЕСТИНЦИ ВО ИЗРАЕЛ, ХИТ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО СОЛУНЛегендарната израелска адвокатка Леа Цемел ненајавено дојде во Солун на премиерата на документарецот за неа „Адвокатка“ (Фото: Солунски фестивал)

    (Специјално од Солун: Марина КОСТОВА)

    „Не само што јас сум иднината, туку јас сум единствената иднина. За нас нема друго освен да живееме заедно, мораме да живееме заедно“, вели легендарната израелска адвокатка Леа Цемел, чие присуство беше најпријатното изненадување на 21. Солунски фестивал на документарци што завршува в недела. Цемел, која 50 години на суд е бранителка на Палестинци, и тоа без предрасуди – од феминистки до фундаменталисти, од ненасилни демонстранти до вооружени милитанти, е предмет на документарецот „Адвокатка“ на дебитантите Рејчел Леа Џонс и Филип Белаш, кој е во трката за Златен Александар на фестивалот.

    Кога ненајавено дојде пред публиката по фестивалската премиера на филмот, Цемел беше поздравена со долг и громогласен аплауз, како ретко кога на фестивал (Фото: СДК.МК)

    Кога ненајавено дојде пред публиката по фестивалската премиера на филмот, Цемел беше поздравена со долг и громогласен аплауз, како ретко кога на фестивал. Оваа исклучителна жена животот го посветила на борба за правда и неуморна одбрана на човековите права и тоа во Израел, земја во која прекршувањата се практика. Филмот следи два нејзини случаи на одбрана на Палестинци, 13-годишно момче и 27-годишна жена кои се обвинети за тероризам, а низ нив се одмотува целата нејзина кариера како правник, активистка и бранителка, проследена со многу лична жртва и опасно живеење и за неа и за семејството.

    Италијанска фоторепортерка Летиција Баталја, која живее во Палермо и која низ половина век ја документирала сицилијанската мафија, е предмет на филмот „Снимајќи ја мафијата“

    Ова издание на Солунскиот фестивал на документарци, намерно или не, откри неколкумина извонредни активисти кои со својата работа навистина го сменија светот на подобро. Покрај Цемел, тоа е првата италијанска фоторепортерка Летиција Баталја, која живее во Палермо и која низ половина век ја документирала сицилијанската мафија. Филмот „Снимајќи ја мафијата“ на Ким Лонгиното, извонредна комбинација на ретки архивски снимки и личните фотографии на Баталја, открива еден фасцинантен живот во свет полн со насилство, крв и борба за моќ. Самиот живот на Баталја е поголем од филм: се омажила на 17 години само за да избега од дома, родила две деца и паднала во тешка депресија па 2 години се лечела во санаториум во Швајцарија, се вратила во Палермо, почнала да работи во локалниот весник каде полека се пронашла како страсна фотографка со око што ќе ги забележи ужасните насилства и сиромаштијата во маалата под власта на мафијата, се развела по долга низа љубовници, станала пратеничка, а од политиката избегала откако мафијата ги уби судиите Фалконе и Борселино во доцните 1980-ти, за пак да се врати на фотографијата, но сега во студио. Денес 85-годишната Баталја е уште активна, со срдечност и оптимизам што разоружува.

    Една од легендарните фотографии на Баталја снимени во Палермо

    Американскиот документарист и фотограф Луи Психоис, кој во 2009 доби Оскар за „Заливот“ со кој го откри бруталното убиство на илјадници делфини од риболовците во јапонското гратче Таиџи кое го прикриваше јапонската власт, во Солун го доби Златниот Александар за придонес кон светскиот филм. Психоис, кој има и грчко потекло, ја создаде фондацијата Друштво за заштита на океаните, и е посветен активист за заштита на водниот жив свет. Тој верува дека филмот може навистина да го смени светот:

    Американскиот оскаровец Луи Психоис во Солун го доби Златниот Александар за придонес кон светскиот филм (Фото: Солунски фестивал)

    „Пред да се прикаже ‘Заливот’, во Таиџи се убиваа 23.000 делфини годишно, кои се користеа за храна во Јапонија иако се затруени со жива. По филмот, консумацијата на делфинското месо падна за 93 отсто. Ова е моќен пример како филмот го менува светот. Нашата крајна цел е да ја смениме свеста. Кога филмот беше завршен, пративме 3.444 примероци на цеде до жителите на Таиџи. Не знам колкумина го гледале, но и двајца да го виделе доволно е. Како што вели бртанскиот поет Вилијам Блејк, ‘види го светот во зрно песок’. Па дури и со двајца може да го смениш светот“, вели оскаровецот Психоис.

    Во Солун играше и годинашниот документарен оскаровец „Фри соло“

    Во Солун играше и годинашниот документарен оскаровец „Фри соло“ на Елизабет Чаи Васарели и Џими Чин, за монументалниот потфат на алпинистот Алекс Хонолд, кој стана првиот човек кој без јажиња и опрема го искачил гранитниот монолит Ел Капитан во Јосемитскиот парк во САД. Филмот го документира потфатот на Хонолд, од подготовките, тренинзите, па до самото искачување, што е меѓу најдраматичните сцени снимени воопшто.

    „Во контакт“ на полскиот автор Павел Зјемилски е во конкуренција за награди

    Меѓу филмовите во конкуренцијата за награди, која се состои од дебија или втори филмови на авторите, впечатлив е медитативниот документарен есеј „Во контакт“ на полскиот автор Павел Зјемилски, за виртуелната комуникација на жителите на едно полско гратче од кои речиси третина се иселени во Исланд. Зјемилски ги споил семејствата со гигантски проекции на јавните објекти, а врз сликите одат нивните разговори преку Скајп, чиниш гледаш како животот истекува од едното во другото место оддалечено илјадници километри.

    Солунскиот фестивал се затвора в недела, а и ова издание ја потврди публиката како едно од неговите најголеми вредности. Директорката Елис Жаладо вели дека документарниот фестивал има просечно над 60.000 гледачи. Сите проекции се полни со гледачи од различна возраст, а како што забележа една млада режисерка од Литванија, „Ова е единствениот фестивал каде по проекциите прашања не поставува модераторот на разговорот туку публиката“.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари