КАПАК ОД 10 КИЛОГРАМИ ГИ КРИЕ ГРОБОВИТЕ НА КОЧО РАЦИН И ПАРТИЗАНИТЕ ВО СПОМЕН КОСТУРНИЦАТА

    КАПАК ОД 10 КИЛОГРАМИ ГИ КРИЕ ГРОБОВИТЕ НА КОЧО РАЦИН И ПАРТИЗАНИТЕ ВО СПОМЕН КОСТУРНИЦАТАПосмртните останки на Кочо Рацин заедно со борците од НОБ и жртвите на фашизмот се сместени во криптата под централниот симбол на споменикот (Фото: СДК.МК )

    Во Спомен костурницата во Велес, меѓу посмртните останки на борците од НОБ и жртвите на фашизмот се наоѓаат и коските на поетот и револуционер Коста Солев Рацин, кој е убиен пред 76 години на денешен ден. Тие се сместени во криптата под централниот симбол на споменикот, заедно со неговите соборци.

    Просторијата зафаќа петнаесетина квадратни метри и во неа се наоѓаат околу стотина метални ковчежиња, со коските на борците и следбениците на НОБ. Досега јавноста немала можност да го види местото, бидејќи е далеку од светлоста на денот и очите на јавноста, за да се стигне до него потребно е да се подигне капакот – отворот кој е тежок повеќе десетина килограми. Во просторијата е свежо и покрај високите температури надвор.

    Архивска фотографија од преносот на борците загинати од НОБ од партизанските гробишта во црквата Св. Пантелејмон до Спомен костурницата

    „Рацин е донесен тука на 9 ноември 1978,  еден месец по отворањето на Спомен костурницата, на 11 октомври, истата година. Донесен е заедно со други борци загинати од НОБ од партизанските гробиштата во црквата Св. Пантелејмон“, вели Марин Клифов, виш кустос во Народниот музеј од Велес и раководител на Спомен костурницата.

    Архивска фотографија од погребот на Рацин

    Рацин е убиен на 13 јуни 1943 под сѐ уште неразјаснети околности, застрелан кога се приближувал кон партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско. Од таму посмртните останки се пренесени на партизанските гробишта во Велес 1945.

    Неодамна на 56. Рацинови средби, претседателката на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) Соња Стојменска-Елзесер, побара од велешани да не дозволат да падне сенка врз името и делото на Коста Солев Рацин.

    Архивска фотографија од преносот на борците загинати од НОБ од партизанските гробишта во црквата Св. Пантелејмон до Спомен костурницата

    „Да го негуваме и чуваме споменот за стихот на Рацин, не само годините што минале туку да го пренесеме и засилиме за идните поколенија. Ликот и делото на Рацин покажаа чудна вистина. Тој не беше само писател, Рацин умееше со раце да прави грнци, умееше да работи тешка физичка работа, да пишува есеи, да истражува за богомилите, за филозофијата на Хегел и да ги испее тмурните стихови кои предизвикуваат силно светнал ден. Ве молам велешани, не дозволувајте некоја сенка да падне врз името и величието на стиховите на Рацин“, порача Стојменска-Елзесер.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари