КОКИНО ТРИ ГОДИНИ ГО ЧЕКА ПРОЕКТОТ ОД ДРЖАВАТА, НЕМА СТРУЈА И ВОДА, А СЕ НАПЛАЌА БИЛЕТ

    КОКИНО ТРИ ГОДИНИ ГО ЧЕКА ПРОЕКТОТ ОД ДРЖАВАТА, НЕМА СТРУЈА И ВОДА, А СЕ НАПЛАЌА БИЛЕТТри и пол години од Министерството за култура не е вложено ниту денар во локалитетот, откако завршиле археолошките ископувања, а и за наредната година нема предвидено пари во програмата (Фото: СДК.МК)

    Државата не презема ништо за да го заживее археолошко-астрономскиот локалитет Кокино како атрактивна туристичка дестинација во регионот. Три и пол години од Министерството за култура не е вложено ниту денар во локалитетот, откако завршиле археолошките ископувања, а и за наредната година нема предвидено средства во програмата.

    Од Кумановскиот музеј велат дека последната активност околу уредување на локалитетот била во летото 2015 преку проект на УСАИД финсиран од швајцарската влада, кога беа поставени нови патокази, информативни табли, заштитна ограда за камените тронови на локалитетот, мобилна апликација за аудиоводење и нова официјална веб страна на Кокино (www.kokino.mk). Во меѓувреме, тие самите аплицирале со повеќе проекти пред министерства и меѓународни организации, но без успех.

     Последната активност околу уредување на локалитетот беше летото 2015 година преку проект на УСАИД финсиран од швајцарската влада; – Американскиот амбасадор Џес Бејли во посета на Кокино во 2016 (Фото: СДК.МК)

    Кокино се наоѓа на територија на Старо Нагоричане, рурална Општина која нема капацитет самата да развива туризам и да го заживее локалитетот, затоа е неопходна итна државна помош и сериозна стратегија, бидејќи патот до економијата води и преку културата и туризмот.

    Се обидивме да добиеме одговор од Министерството за култура кои се плановите за развој на Кокино, но и по еден месец откако уредно ги испративме прашањата не добивме одговор.

    Мегалитската опсерваторија Кокино има статус на заштитено културно наследство од особено значење. Прво е регистрирано планинско светилиште од бронзено доба на територијата на Македонија и, според НАСА, се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот.

    Претходната Влада преку Министерството за култура во 2016 изработи проект „Кокино – македонски бренд“, кој предвидуваше доопремување и оградување на локалитетот, изградба на пристапна патека за посетителите, поставување на заштитни огради на дел од патеките, изградба на Центар за посетители во кој во иднина ќе се реализираат разновидни содржини, семинари, работилници, изложбен простор, сувенирница и ресторан.

    Иако беше најавувано дека локалитетот ќе го добие местото кое што го заслужува и ќе прерасне во светска туристичка атракција, до него едвај може да се стигне по тесниот и стрмен пат. Нема вода, струја, тоалет, ниту пак угостителски објекти или тенда како засолниште од дожд или сонце.

    Селаните кажуваат дека интересот за посета на Кокино е многу голем, но многу често автобуси со странски туристи се враќаа назад или бараат од локалните автопревозници комбиња кои ќе одвезат до врвот, бидејќи туристичките автобуси не можат да се движат по лошиот пат.

    Кокино се наоѓа на територија на Старо Нагоричане, рурална општина која нема капацитет самата да развива туризам и да го заживее локалитетот (Фото: СДК.МК)

    „А и кога ќе се искачат на врвот што ќе ги видат? Освен карпите немаат ништо друго, нема продавница, ни вода да се напијат ни тоалет да отидат. И ова што го гледате каде што се паркираат колите е на приватно земјиште. Само добра волја на луѓето да не ги бркаат туристите. Питом народ е овде па не се расправа, да беше на некое друго место ќе го оградеа и приватен паркинг ќе направеа. Ако сака државата да го направи ова место за туристи прво мора да го прошири и да го асфалтира патот, потоа да откупи неколку ниви околу ридот за да си направи свои објекти. Вака само господ што создал. Многу често во лето доаѓаат млади луѓе навечер за да го гледаат изгрејсонцето рано наутро, по цел ноќ пејат и играат, ама разочарани се што не можат да останат повеќе“, вели жител на селото кој напасуваше добиток.

    Повеќе од три години Кумановскиот музеј наплаќа карта на посетителите, а за вработените нема елементарни услови за работа. Картите ги продаваат чуварите на локалитетот на импровизирана тезга во подножјето на ридот.

    „Ветуваа дека ќе донесат монтажна куќичка ама нема каде да ја постават. Ова што го гледате околу, сѐ е приватен имот. На државно земјиште е само каменот. Имаше најава дека ќе ни ја донесат куќичката од Деве Баир, бидејќи ја затвориле сувенирницата, но засега ништо “, вели чуварот на Кокино.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира