КОВЧЕЗИТЕ ШТО БИЛЕ ЧЕИЗ НА БИТОЛСКИТЕ НЕВЕСТИ ОД 19. ВЕК НА ИЗЛОЖБА ВО ЗЕНИЦА

    КОВЧЕЗИТЕ ШТО БИЛЕ ЧЕИЗ НА БИТОЛСКИТЕ НЕВЕСТИ ОД 19. ВЕК НА ИЗЛОЖБА ВО ЗЕНИЦАИзложбата која се состои од постери и пет копии сувенири денес ќе биде поставена во Музеј на град Зеница во Босна заедно со изложбата „Градски костими“ на етнологот Наде Геневска-Брачиќ од Битола (Фото: СДК.МК)

    Триесетина ковчези во кои невестите од битолско во 19.век и почетокот на 20. век го носеле невестинскиот чеиз се зачувани како значајни етнолошки експонати во битолскиот Завод и музеј. Етнологот д-р Мери Стојанова, кустос советник, подготви изложба на традиционалните ковчези насловена „Невестински соништа“. Изложбата која се состои од постери и пет копии сувенири денес ќе биде поставена во Музеј на град Зеница во Босна заедно со изложбата „Градски костими“ на етнологот Наде Геневска-Брачиќ од Битола.

    „Ковчезите кои се користеле во руралните средини и каселите, кои се градски тип на ковчег, биле дел од невестинскиот чеиз. Покрај другите декоративни елементи на дел од градските касели со метални нитни се изведувале и иницијалите на брачните другари и годината кога стапувале во брак. Градските касели во внатрешноста се обложени со текстил поради заштита на фините материјали од кои се изработувале градските фустани. Кај невестите од руралните средини чеизот се состоел главно од памучни и волнени ткаенини, па ваквата заштита не била неопходна и тие не се обложувале со ткаенина“, вели Стојанова.

    По свадбата, ковчезите биле лична сопственост на брачниот пар (Фото: СДК.МК)

    Ковчезите најчесто се изработувале од буково дрво, па опстанале до денес. На нив има украсни елементи работени со посебен алат како гербалка, чкобалка, пергел или пак со техника на исчукување. Се украсувале со геометриски фигури, цветови и други шари, а колку биле побогати давале и впечаток дека чеизот внатре е пораскошен и поскап. На еден од зачуваните касели пишува дека датира од 1886, а меѓу зачуваните ковчези има и еден еврејски.

    Етнологот д-р Мери Стојанова ја подготви изложбата на традиционалните ковчези насловена „Невестински соништа“

    По свадбата, ковчезите биле лична сопственост на брачниот пар.
    „Кога се живеело во големи семејни заедници, целокупниот куќен инвентар бил заеднички освен каселата. Каселата била единствениот елемент во приватна сопственост на соодветната брачна двојка. Според некои информации кога ги правев истражувањата, за да нема кавги меѓу снаите во семејствата, се случувало свекрвата да ги чува клучевите од сите касели, така да имало една изрека каде што старите велеле ‘подобро да се расправам со клучевите отколку со луѓето’. Во нив освен облеката се чувал и накит, како и одредена сума на пари“, вели етнологот Стојанова.

    Традиционалните ковчези меѓу кои има и печалбарски, беа изложени во Битола во 2013 година. Изложбата гостувала и во Романија, Словенија, Полска и Србија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира