Мачето што денеска стана топ тема на социјалните мрежи откако обвинетата Катица Јанева ја нападна нејзината поранешна колешка обвинителката Лиле Стефанова по нејзиното сведочење во случајот „Рекет“ се вика Лео. Тој е мачор од сортата персиска мачка и живее со обвинителката Стефанова во Скопје.
Ја прашавме обвинителката Стефанова што е приказната за мачето и таа ни кажа дека неколку пати кога била на одмор и кога си одела дома за Радовиш, го зела Лео со себе за да не угине од глад.
Катица Јанева беше лута и навредена затоа што во сведочењето Стефанова кажа какви обиди за влијанија трпела во големата истрага за „Империја“ против Орце Камчев и негови соработници. При исфрлањето од судница низ солзи кажа: „Оти мачето ѝ го возев, затоа не чинам!“
До исфрлување од судница на Јанева дојде откако по завршување на сведочењето, кога Стефанова го облекуваше капутот, таа и дофрли: „Ороспијо, гомнарке една!”.
Судијката Васка Николовска – Масевска побара од полицијата веднаш да ја отстрани Јанева од судницата.
По објавување на инцидентот, на социјалните мрежи мачето стана главна мистерија.
Стефанова во денешното сведочење прецизираше дека на почетокот Јанева воопшто не се интересирала за „Империја“ каде што првоосомничен е Орце Камчев.
Тој е пријавител и главен сведок за изнуда на милион ипол евра од страна на првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, за да влијаел преку Јанева да биде ослободен од истрагата. Стефанова кажа дека тој бил притворен во ноември 2018 година, а веќе на крајот на декември Јанева почнала да се интересира за мерките притвор на осомничените, со акцент и на Цветан Панделески, газдата на “Пелистерка.
Стефанова во детали кажа како освен Јанева, за Камчев се интересирале и политичари, брачната двојка Михајло и Филимена Маневски, бизнисменот Ванчо Чифлиганец, обвинители, но и судијката Добрила Кацарска.
С.К. ДЕЛЕВСКА