МАКЕДОНСКИТЕ ПИЛОТИ ВО СЛОВЕНИЈА УЧЕЛЕ ЗА ГРАДОБИЈНА ЗАШТИТА СО АВИОНИ, НО СЛОВЕНЦИТЕ НЕ КАЖУВАЛЕ ДЕКА ХЕМИКАЛИЈАТА СЕ ПРАВИ ВО „АЛКАЛОИД”

    МАКЕДОНСКИТЕ ПИЛОТИ ВО СЛОВЕНИЈА УЧЕЛЕ ЗА ГРАДОБИЈНА ЗАШТИТА СО АВИОНИ, НО СЛОВЕНЦИТЕ НЕ КАЖУВАЛЕ ДЕКА ХЕМИКАЛИЈАТА СЕ ПРАВИ ВО „АЛКАЛОИД”Во 1987 бил изготвен и елаборат за набавка на авиони за гаснење пожари од типот „дромадер” кој се произведувал во Полска, а се користеле и во Грција, но авионите не се купени поради различни интереси на надлежните. (Фото: Википедија)

    Македонија уште во 1987 година почна да ги искористи искуствата на Словенија во заштитата од градоносни облаци, а бил изготвен и елаборат за набавка на авиони за гаснење пожари од типот „дромадер” кој се произведувал во Полска. До набавка на овие летала кои тогаш ги користела и Грција не дошло од повеќе причини.

    Македонските пилоти за заштита од градоносни облаци искуствата тогаш ги црпеле од Словенија, но Словенците не им откривале од каде ја набавуваат хемикалијата за совладување на грутките од мраз. Пилотот и тогашен секретар на Воздухопловниот Сојуз на Македонија Ѓорги Чачкиров се сеќава дека дури од кога се вратил од Словенија, каде што летал во нивни авиони и собирал искуства, дознал дека правта (хемикалијата) ја произведува „Алкалоид”.

    „Кога станав секретар на Воздухопловниот сојуз, се појавија нови идеи и активности. Формирано е одделение за помош при елементарни непогоди, кое го сочинуваа пилоти и падобранци, кои имаа улога да дејствуваат во одреден момент. Во таа насока, организирани се обуки на медицински сестри-падобранки, а преземени беа и други активности. Непосредната реализација на сите овие активности се раководеше од Републичкиот воздухопловен центар, кој функционираше преку пет летечки центри – воздухопловни школи при аероклубовите во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Штип”, кажува Чачкиров.

    Поголемо внимание привлекле идеите за вклучување на авијацијата во откривање и сузбивање на отворени пожари, посебно шумски, како и за вклучување на спортските авиони во разбивањето на градоносни облаци. Чачкиров бил задолжен да ги достави подготвените елаборати и во соработка со тогашниот Републички штаб за Територијална одбрана, да се изработи финансиски план.

    Потоа била потпишана Самоуправна спогодба, со која шумските стопанства ќе ја финансираат првата фаза на извидување и откривање на отворени пожари.

    „Реализацијата на оваа прва фаза во текот на 1987 донесе огромни резултати. Скоро секојдневно беа откривани и пријавувани отворени пожари, па се создадоа услови за нивно брзо гаснење. Во меѓувреме, а по претходен договор, јас заминав во Словенија, каде имав непосредна можност да влезам во авион и да учествувам во реализацијата на активности за разбивање градоносни облаци. Единствено не ми открија која хемикалија во вид на прав се исфрла под облакот. По враќањето, по многу истражувања, открив дека производител е скопската фабрика ‘Алкалоид’“, вели Ѓорги Чачкиров.

    И покрај почетните успеси, Чачкиров кажува дека набргу дошле до израз различни интереси.

    „И додека првиот дел од елаборатот за откривање на пожарите се одвиваше без никаков проблем, се подготвуваше изборот на авиони и финансовиот план за реализацијата на преостанатиот дел, гаснење пожари и противградна одбрана. Беа избрани и авиони, а започнаа и преговори околу финансирањето. Но, во оваа фаза се вмеша и тогашното раководство на стопанската авијација ‘Агрохемизација’, тврдејќи дека е подобро,  тие како стопански субјект, да ја реализираат целата идеја. Како трет субјект се вмеша тогашниот Хидрометеоролошки завод, кој ја бранеше тезата дека градобијните ракети се поефикасни, а тој систем веќе постои. Всушност, се судривме три организации, се покажаа исти или спротивни интереси“, се сеќава пилотот Чачкиров.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира