„МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“ – ПРОФЕСОРКА ПО АНГЛИСКИ, ГОРДА ЧИСТАЧКА И НОВА БИТОЛСКА ЛЕГЕНДА

    „МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“ – ПРОФЕСОРКА ПО АНГЛИСКИ, ГОРДА ЧИСТАЧКА И НОВА БИТОЛСКА ЛЕГЕНДАКласнето од Средното медицинско училиште во Битола, чие вистинско име е Марија Магдалена Петковска-Микаровска ги освои симпатиите на јавноста успевајќи младите кои по цел ден висат по кафулиња и на Интернет да ги претвори во бригада што чисти во Битола, крај Преспанското Езеро, низ реките во Демихисарско (Фото: Приватна архива )

    Таа е професорка по англиски јазик која излезе од удобноста на професорското столче и комодитетот на училницата. Ги понесе учениците заедно да чистат диви депонии на места каде казма и лопата не заиграла одамна. Се шегува дека на терен не е професорка туку чистачка и вистински ужива во таа титула. Се работи за Класнето од Средното медицинско училиште во Битола, чии вистинско име е Марија Магдалена Петковска-Микаровска. Ги освои симпатиите на јавноста успевајќи младите кои по цел ден висат по кафулиња и на Интернет да ги претвори во бригада што чисти во Битола, крај Преспанското Езеро, низ реките во Демихисарско.

    Досега имаше над десетина акции, веќе нема дискусија каде се фрла ѓубрето, нити учениците имаат проблем да го собираат туѓото (Фото: Приватна архива )

    „Ги поттикнав со личен пример. Со мојата страст за решавање на проблеми и глетката пред и потоа. Јас бев прва која без никаков срам фаќаше метла, гребло, влегуваше во најгрозните подрачја. Моето мото е и секогаш било ‘Биди промената која сакаш да ја видиш во светот’. Мојата мисија е будење на свеста. А, сега тоа се пренесе и како мисија на моите ученици. Се прошири како епидемија“, вели професорката.

    Акцијата со слоган „Мети си со Класнето“, која стана популарна во цела држава, започна сосема случајно. На класен час со II 6  продискутирале за предизвикот да се собира ѓубре, а не планирале акција. Тогаш се борела со маса на ученици да се одвикнат да оставаат ѓубре под клупа и да научат во 21. век да го фрлаат прописно. Бидејќи, како што вели таа, ако лекцијата не ја научат, џабе им е секое знаење.

    „Навиката која сакам да ја имаат моите деца е дека немаме резервна планета и дека никој не е должен да им собира после нив“, вели Петковска-Микаровска (Фото: Приватна архива )

    „Генерално кај младите ми пречеа ароганцијата, непотребната суета, отсуството на срам и однесувањето како да имаат резервна планета. Ако ги пропуштиме овие генерации без да се кодираат дека треба да имаат грижа за својата училница, улица, клупа каде што седат навечер, својот град, држава и планета, ние како едукатори, воспитувачи и родители сме изгубиле млади генерации“, вели Класнето.

    И така почнаа акциите за чистење, прво со половина клас, па цел, па други класови, други училишта, волонтери. Досега имаше над десетина акции, веќе нема дискусија каде се фрла ѓубрето, нити учениците имаат проблем да го собираат туѓото.

    „Немало метење без големи мајтапи. Големо поврзување меѓу сите нас. Се случило да најдат пари во депониите, случајни минувачи да ги поздрават и почастат, да се смееме за исфрлените покуќнини на несовесните и често ќе речеа:’Класна, можете сега и стан да си опремите, да не Ви е џабе работата’ ‘’, вели Класнето.

    „Сонувам за чистота, зелена држава, вредна, освестена и будна младина желни за промена“, вели професорката (Фото: Приватна архива )

    Оригиналниот слоган „Мети си со класнето“ настанал по едно јавување на пријателот Златко, кој ѝ рекол „Ќути си и мети си, не се секирај“. За по неколку часа да ѝ направи изненадување со првата слика, а потоа илустраторот ТхеМичо ѝ направил ново лого.

    Инаку, Марија-Магдалена од семејството е задоена да се бори за промени. Таа е ќерка на познатиот битолски новинар Менде Петковски, кој за жал почина прерано на 49 години и на Светлана Петковска, голема активистка за женските права, претседател на Организација на жени од Битола. Класнето веќе неколку години е самохрана мајка на две малолетни деца откако сопругот ѝ почина млад. Животот ја постави во многу тешки ситуации, но продолжи да се бори за семејството, за младите, за општеството.
    Во акциите задолжително ги вклучува и своите деца.

    „Толку се навлечени што најголемата казна им е дека не можат да дојдат на метење ( ха,ха, ха). Тогаш како со магично стапче сите проблеми се решени. Навиката која сакам да ја имаат е дека немаме резервна планета и дека никој не е должен да им собира после нив“, кажа Петковска-Микаровска.

    „Мети си со Класнето“ не ѝ е единствената акција за доброто на средината. Ја покрена и иницијативата за собирање средства за реновирање на тоалетите во Средното медицинско училиште. Смета дека ваков волонтеризам може да покаже секоја наставник бидејќи има класови во кои предава, ученици кои ги мотивира. Жали што ретко кој спроведува акции кои би имале континуитет и би носеле позитивни промени.

    „Ако ги пропуштиме овие генерации без да се кодираат дека треба да имаат грижа за својата училница, улица, својот град, држава и планета, ние како едукатори, воспитувачи и родители сме изгубиле млади генерации“, вели Класнето (Фото: Приватна архива )

    „Сакам да ги извадам просветните работници кои се заглавени во своите комфорни зони да направат нешто повеќе со своите ученици отколку наставата во четири ѕидови. Училниците не се секогаш во тие четири ѕидови. Сонувам за чистота, зелена држава, вредна, освестена и будна младина желни за промена. Да немаат никаква желба да си одат во странство, бидејќи условите од странство би ги имале тука. Кога ќе ни се исчистат душите од гнев, ќе имаме и чисти улици, градови и држави“, порачува таа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари