Победничката на Мис Турција 2017 беше официјално дисквалификувана само неколку часа по прогласувањето поради еден од нејзините последни твитови. 18-годишната Итир Есен објави твит во кој што го споменува минатогодишниот обид за државен удар во Турција, споредувајќи ја својата менструална крв со излеаната крв на мачениците.
Организаторите на изборот за мис соопштија дека твитот бил неприфатлив и дека го потврдиле решението за нејзино отстранување, само неколку часа по прогласувањето како победничка на Мис Турција 2017.
По дисквалификацијата, Есен објави на Инстаграм дека немала намера да биде политички толкувана.
Твитот гласеше: „Утрово добив за да го прославам 15 јули, Денот на мачениците. Го славам овој ден со крварење, како претставување на крвта на нашите маченици“.
Меѓутоа, твитот бил објавен токму за првата годишнина од обидот за државен удар на 15 јули минатата година, кога речиси 250 луѓе загинаа борејќи се против армијата. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган честопати ги нарекува маченици луѓето кои загинаа во борбата против државниот удар.
Во 2016 година, друга поранешна победничка, Мерве Бујуксарач, беше осудена на 14 месеци условна казна затвор, затоа што го навреди претседателот Ердоган со сатирична поезија, објавена на социјалните мрежи.