ОД СОЛУНСКА ВО БИТОЛА ДО МОНАСТИРИУ ВО СОЛУН – ДВЕ ДРЖАВИ, ДВА ГРАДА И ДВЕ УЛИЦИ НИЗ КОИ ПОМИНУВАЛЕ ОД СУЛТАНИ ДО НЕВЕСТИ

    ОД СОЛУНСКА ВО БИТОЛА ДО МОНАСТИРИУ ВО СОЛУН – ДВЕ ДРЖАВИ, ДВА ГРАДА И ДВЕ УЛИЦИ НИЗ КОИ ПОМИНУВАЛЕ ОД СУЛТАНИ ДО НЕВЕСТИУлицата втора по должина во Битола со децении се нарекува Солунска, а онаа во Солун што води од железничката станица кон Воден, Лерин, па Битола, повеќе од век се вика Монастириу, како што Грците ја викаат Битола (Фото: СДК.МК)

    Ги делат 220 километри, граница, планини, политики, а сепак со векови останале поврзани. Битола и Солун, двата поранешни центри на Отоманската Империја, денес градови во две држави, едниот во Македонија, другиот во Грција, но со улици кои носат заеднички имиња. Улицата втора по должина во Битола со децении се нарекува Солунска, а онаа во Солун што води од плоштадот Димократиас – Вардарис преку железничката станица кон Воден, Лерин, па кон Битола, повеќе од век се вика Монастириу (Битолска).

    Од стариот битолски именик со улици, кој покажува дека и Солунска и Леринска имињата ги носат од Кралството на Југославија.

    Солунска, улицата која го поврзува истокот и западот во Битола, покрива дел од коритото на реката Курделес, една од главните сообраќајни артерии со околу 290 објекти, од поранешното Кралството на Југославија го носи истото име. Се претпоставува дека го добила поради тоа што претставувала врска кон таканареченото Солунското џаде преку кое патот водел за Егејска Македонија, денес Грција.

    Улицата Солунска во Битола најверојатно го добила името поради тоа што била врска кон таканареченото Солунското џаде, преку кое патот водел до тогашниот центар на Отоманската империја  (Фото: СДК.МК)

    „Улицата го носи името од Кралска Југославија, но битолчани и луѓето од Лавци и Брусник уште многу пред тоа ја викале така. Таа била единствена улица што ги поврзувала со Солунско џаде кое од Скопје преку Битола за Солун минувало по улицата 4 Ноември покрај Чифте фурни. На самата крстосница има една стара жолта куќа и до неа е каменот бележник на патот со бројка 1 изгравирана на него. Воедно и сегашниот пат преку Кравари до Лерин се викаше Солунско џаде. А пак, горниот пат до Драгош и Лерин битолчани го викаа Леринско џаде“, вели Панде Манојлов, публицист, поет, истражувач и долгогодишен новинар.

    Одамна на местото каде што Широк сокак се сече со Солунска, кај денешен Камен мост, имало кафеана „Солун. (Фото: СДК.МК)

    На каменот е изгравиран бројот 1, што најверојатно означува бројка на стратешки пат Скопје – Велес -Прилеп – Битола – Солун. Од 1894 Битола била железнички поврзана со Солун, а за да се дојде до возот една од улиците била токму Солунска. Во 1911 со воз од Солун преку Воден, во Битола пристигнал султанот Мехмед Петти. Битолчани до 1984 со воз патувале по трговија, посета на роднини, летувања, свадбени патувања до Солун.

    На самата крстосница има една стара жолта куќа и до неа е каменот бележник на патот со бројка 1 изгравирана на него (Фото: СДК.МК)

    „Во 1973 година бевме на свадбено патување од Битола до Солун со воз. Од кај нас се патуваше до Лерин со помали вагони, а таму се качивме во поголем воз и заминавме за Солун. Кога се враќавме назад, за да стигнеме до железничката станица во Солун, прашувавме каде е улицата Монастириу. Газдите каде што престојувавме ни рекоа нема шанса да ја заборавите, се вика како вашиот град, Монастири“, вели  битолчанката Маре Јошева.

    Хроничарот на Битола, професорот Александар Стерјовски вели дека одамна на местото каде што Широк сокак се сече со Солунска, кај денешен Камен мост, имало кафеана „Солун“, па оттаму и улицата името го добила во наследство.

    Кога се враќавме назад, за да стигнеме до железничката станица во Солун, прашувавме каде е улицата Монастириу. Газдите каде што престојувавме ни рекоа нема шанса да ја заборавите, се вика како вашиот град, Монастири“, вели битолчанката Маре Јошева (Фото: СДК.МК)

    „Спроти продавницата ‘Балкан’ на Широк сокак има убава куќа на семејството Спростран изградена некаде 1930-те години, на тоа место пред Првата светска војна имало кафеана и хотел кои се викале ‘Солун’. Кафеаната му припаѓала на Атанас Палигора, кој бил познат по тоа дека во периодот на пропагандите кај него секој бил слободен што сака да зборува“, вели Стерјовски.

    Улицата Монастириу (Битолска) е една од главните сообраќајни артерии на градот, тргнува од центарот, се надоврзиува на улицата Егнација и продолжува кон излезот за Воден, Лерин и Битола – Поглед од раскрсницата на железничката станица – (Фото: СДК.МК)

    Тој додава Битола не гравитирала кон Скопје и север, туку секогаш на југ кон Солун. Па, и архитектонски градот е сличен на Солун, посебно по столбовите при влезот од објектите, како што се старата општинска зграда, поранешниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и други.

    Но, ретко кој битолчанец ја памети оваа кафеана. Повеќето името Солун ги асоцира на некогашниот хотел „Солун“ кој постоел во центарот на Битола во близина на денешната Пошта. 90-годишната Ружа Нака, една од потомците на сопствениците, вели дека бил отворен во 1920, а подоцна имало и кафеана со истото име.

    „Го избрале името Солун бидејќи било звучно, таму имало пристаниште, па сакале да привлечат повеќе гости“, вели Нака.

    Денес хотелот не работи, но објектот е зачуван, во него се отворени ресторан и други дуќанчиња и сѐ уште местото битолчани го нарекуваат „кај кафаната ‘Солун’“.

    Во стариот именик со битолски улици пишува дека и во поранешна Југославија, а и во бугарско време улицата се именувала Солунска. Но, има битолчани кои тврдат дека во периодот на Втората светска војна го носела името Адолф Хитлер.

    „На таа улица е роден мојот татко, брат ми, јас. Во време на Втората светска војна се нарекуваше Адолф Хитлер. Кога брат ми се иселуваше за Австралија требаше во амбасадата во Белград да однесе комплетна документација каде е роден. Му издадоа документ дека улицата е Адолф Хитлер. Човекот мораше да ги разубеди да му дадат друг документ зашто со овој ќе имаше проблеми во амбасадата“, раскажува битолчанец.

    Со Договорот од Преспа со кој се реши 27-годишниот спор за името, Македонија и Грција се обврзуваа дека ќе се придржуваат до Конференцијата на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња и ќе ги употребуваат официјалните топоними кои важат на територијата на другата страна, давајќи притоа приоритет на ендоними, наместо егзоними. Но, меѓу народот нема да исчезнат егзонимите уште долго време зашто се испреплетени со секојдневниот живот. Десетици битолчани и понатаму ќе останат да живеат на улица Солунска, а не на Тесалоники, а уште толку солунчани на улица Монастириу, а не на Битолска. Тоа ќе остане како урбанистички код кој и понатаму ќе продолжи да го поврзува двата града.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари