ОДМОР НИ Е СОЗДАВАЊЕТО УМЕТНОСТ СО ИГЛА И КОНЕЦ, ВЕЛАТ ВЕЛЕШКИТЕ РАКОТВОРКИ

    ОДМОР НИ Е СОЗДАВАЊЕТО УМЕТНОСТ СО ИГЛА И КОНЕЦ, ВЕЛАТ ВЕЛЕШКИТЕ РАКОТВОРКИРакотворбите беа изложени на Фестивалот на питата и виното, каде организаторот сакаше да ја афирмира вредната велешка жена (Фото: СДК.МК)

    Со денови и непроспиени ноќи, велешките жени создаваат уметност од конец. И тоа со игла, чингелакија, трпеливо, а зад себе оставаат голем број рачни изработки. Тие беа изложени на Фестивалот на питата и виното, каде организаторот сакаше да ја афирмира вредната велешка жена.

    Една од нив беше Цеца Србова, која изложи рачни изработки плетени блузи, џемпери, шалчиња, фустани, сѐ од тенок конец.

    Цеца Србова и Велика Гелева на штандот во Велес (Фото: СДК.МК)

    „Научив да плетам на 10 години. Гледав како работат жените од маалото, земав чингелакија и конец и почнав. Плетам и сега, уживам, плетам и ноќе, плетењето ми е најголем одмор, само да имам конец до мене. Младите сакаат да носат, но не знаат да работат. Изработките ги подарувам за деца кога се раѓаат и за свршувачка“, рече Србова.

    Таа вели дека тоа е тешка работа, котелец, по котелец да создадеш дело, кое е уметност, а кое малку се цени во земјава, но во странство е барано. Таа додава дека била вработена во велешка „Порцеланка“, како декоратер, каде 25 години работела по 30 сервиси дневно.

    „ Со четка, со слободна рака, цртав фигури, сервиси за ручање, за колачи. На сите сервиси, моја изработка е бројот 3, и кога ќе отидам некаде на гости и кога ќе видам тој број, тоа ме прави среќна, што сум оставила трага“, кажа Србова.

    Велешките жени велат дека е тешка работа, котелец, по котелец да создадеш дело, кое е уметност, а кое малку се цени во земјава, но во странство е барано (Фото: СДК.МК )

    До неа на штандот беше Велика Гелева. Таа изложи детски работи, блузи, болера, плетени на една и две игли и на чингелакија.

    „Преокупација ми е изработка на детска облека. Љубовта кон плетењето ја имам од мали нозе. Прво научив да плетам, па потоа да читам. Учев од мајка ми и баба ми, крадев знаење од нив. Ме исполнува, додека плетам, заборавам на се и работам со љубов. Рачната изработка е скапа, помалку се купува кај нас. Изработеното не е за комерцијална продажба, работам за своја душа и го подарувам. Тешко е, но со љубов и вешти раце се може“, рече Гелева.

    Македонска Ивановска (десно) со ќерка ѝ (Фото: СДК.МК)

    Македонка Иванова ги изложи рачните изработки, за кои вели дека со децении ги чува дома.

    „Овие прекривки можат да се користат во дневни соби, трпезарии. Изработките не губат мода и секогаш се добредојдени да се постават. Младите слабо ги користат, тоа е голема грешка, велат било демоде“, рече Иванова.

    Нејзините изработки не беа на продажба, туку вели дека ќе им остави на внуките.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира