ОХРИДСКИОТ КАПЕТАН КОЈ ВОЗИ НАЈГОЛЕМИ БРОДОВИ НА РАБОТА ОДИ СО МОТОР ОД 1959

    ОХРИДСКИОТ КАПЕТАН КОЈ ВОЗИ НАЈГОЛЕМИ БРОДОВИ НА РАБОТА ОДИ СО МОТОР ОД 1959Капетанот Горан Устијановски во зградата на Капетанијата во Охрид доаѓа со олдтајмер мотор „дњепар К-650” произведен во 1959 во Украина (Фото: СДК.МК)

    Охридскиот капетан на Капетанија на пристаништата во земјава Горан Устијановски, образован на најпрестижни школи за поморство, на работа во зградата на Капетанијата во Охрид доаѓа со олдтајмер мотор „дњепар К-650”, произведен во 1959 во Украина. Моторот има специфична градба, користени биле материјали кои во тие години биле последен збор на модерната технологија.

    Низ улиците на Охрид моторот на Устијановски е препознатлив и по тоа што има и приколка од десна страна.

    „Да се вози овој мотор е големо задоволство за мене. Го користам секојдневно ,се возам ни градот, одам на работа. Тоа е олдтајмер од посебен вид. Има интересен дизајн, доволно е брз да се ужива во него, а ретко се расипува. Морам да напоменам дека и јас редовно го одржувам, се грижам да најдам оригинални делови за него. Можеби изгледа чудно, но делови за ‘дњепар’ и сега можат да се најдат во Украина, во Русија. За мене е посебно важно што ваков мотор никој не вози кај нас, а ретко може да се најде и во Русија и во Украина, иако е таму произведен пред речиси шест децении”, вели Устијановски, кој долго време го барал овој тип на мотор што одамна не се произведува.

    Низ улиците на Охрид моторот на Устијановски е препознатлив и по тоа што има и приколка од десна страна (Фото: СДК.МК)

    „Добив информација дека ‘дњепар К-650’ може да се најде во Украина. Се распрашав на повеќе места и од кога ми потврдија во кој град може да се најде моторот, веднаш решив да го купам. Ми помогнаа и некои мои пријатели. Не беше лесно да се донесе моторот од Украина во Охрид. Морав да обезбедам камион на кој беше натоварен моторот, а потоа беше донесен овде”, вели Устијановски.

    Капетанот Устијановски во Охрид може да ги вози сите бродови кои пловат по Охридското Езеро.

    „За сите капетани во Охрид посебна чест е да се застане зад кормилото на бродовите ‘Галеб’ и ‘Македонија’, тие се симболите на охридското пловење. Имав прилика да ги возам, иако сега и двете пловила не се во најдобра пловна состојба. Во слободно време најдобро се релаксирам со мојот ‘дњепар К-650’“, вели  Устијановски.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира