ПАБЛО ЕСКОБАР ВО КОЛУМБИЈА ЗАРАБОТУВА И МРТОВ ПРЕКУ ТУРИСТИЧКИТЕ ТУРИ НИЗ НЕГОВИТЕ КУЌИ

    ПАБЛО ЕСКОБАР ВО КОЛУМБИЈА ЗАРАБОТУВА И МРТОВ ПРЕКУ ТУРИСТИЧКИТЕ ТУРИ НИЗ НЕГОВИТЕ КУЌИПовеќе од две децении по неговата смрт, најпознатиот дилер на дрога во историјата, Пабло Ескобар, сѐ уште е присутен во Меделин, Колумбија, каде туристичката индустрија дури прави профит од неговата репутација.

    Полни дваесет и четири години откако Шефот беше застрелан од полицијата, или, како што многумина веруваат, откако се самоуби на покрив опкружен од полициска единица на 44 години, неговиот лик е сè уште сеприсутен во вториот најголем град во Колумбија, Меделин.

    Многу жители на Меделин раскажуваат приказни за нивни роднини или познаници поврзани или убиени од страна на картелот на Ескобар, кој доминираше во трговијата на кокаин во САД и го збогати со преку десетици милијарди долари.

    Ескобар е одговорен за смртта на најмалку 5.000 луѓе, вклучувајќи го тогашниот министер за правда, еден кандидат за претседател, судија, новинари и полицајци.

    Во 1989 година тој урна авион  со бомба мислејќи дека во него се наоѓа друг кандидат за претседател и речиси целосно ја уништи владата преку убиства, корупција и бомбардирања со цел да ги исплаши политичарите да му се предадат.

    Во многу куќи во Меделин сè уште се верува дека ги кријат парите на Ескобар во ѕидовите.

    Интересот за Ескобар низ светот во последно време драстично порасна како последица на ТВ сериите како „Наркос“, а оттогаш многу туристички агенции организираат тури низ местата каде што делувал Ескобар.

    „Пабло заработува повеќе мртов отколку кога беше жив“, преку туристичката индустрија, се шегува братот на Ескобар, Роберто, кој помина 14 години во затвор, а сега е сопственик на музеј во една од претходните куќи на Ескобар.

    Вработените во музејот се осврнуваат на Пабло Ескобар, како „Дон Пабло“ а за неговите луѓе како „момците“ и го опишуваат како Робин Худ кој им даваше пари на сиромашните и дури сметаат дека тој „сакаше да ѝ стави крај на корупцијата во Колумбија.“

    Градоначалникот на Меделин Федерико Гутиерес не е воопшто задоволен со растечката туристичка индустрија која се заснова на Ескобар. Тој поднесе јавна жалба до туристичка агенција во Панама за рекламирање на „нарко тури“ во 2016 година и го критикуваше американскиот рапер Виз Калифа, кој јавно го посети гробот на Ескобар во март минатата година.

    „Трговците со дрога во Меделин сега оперираат во помали и поспецијализирани единици, но „капос“ силни како Ескобар не постојат повеќе“, изјавува еден локален колумбиски весник.

    Меѓутоа, од друга страна постојат луѓе кои веруваат дека Ескобар не бил и толку лош.

    „Нека му прости Господ ако направил лоши работи. Но, тој мене ми помогна тогаш кога власта не ме ни забележуваше“, вели Мариа Инес Суарес, која пред да се смести во населбата која Ескобар ја создаде за сиромашните, живееше во најнеугледната населба во Меделин.

    „Живеев во една соба со моите пет деца. Се бањавме во бунар и користевме свеќи за светлина, а јадење наоѓавме по контејнери“, раскажува 68-годишната жена.

    Иако Пабло Ескобар е еден од најнасилните криминалци на човечката историја, жителите на оваа населба, која е крстена по него го сметаат за прав светец.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира