Еден од најголемите светски кинематографери, Роби Милер, познат како „мајстор на светлината“, почина на 78 години. Холандските медиуми објавија дека кинематограферот, соработник на режисери како Ларс фон Трир, Џим Џармуш и Вим Вендерс, починал во Амстердам по долго боледување.
Милер е добитник на специјалната награда Златна камера 300 за специјален придонес во филмската уметност и на Златна камера 300 за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Милер беше најпознат по неговата пионерска работа со камерата, специфичната употреба на светлината, со посебен акцент на природната светлина и бојата.
Роден е во 1940 во Курасао, Холандски Антили. Во 1954 се преселил од Индонезија во Холандија, каде што студирал од 1962-1964 на Холандската филмска академија, во Амстердам, на одделот за камера и монтажа. По студиите, кратко останува во Холандија, а потоа заминува во Германија, каде што прво работел како асистент со германскиот кинематографер Герхард Ванденберг, а паралелно и како кинематографер на рекламни филмови. Во текот на 1960-те па до крајот, снима како кинематографер серија кратки филмови, за од крајот на 1960-те и во текот на 1970-те да ја започне својата најзначајна, прва етапа на соработка во тандем со водечкиот германски и светски режисер Вим Вендерс.
На „Браќа Манаки“ првпат учествувал во 1996 година, во официјалната програма со филмот „Спроти брановите“ на Фон Трир, за што доби Бронзена камера 300. Во 2000 година, дуото повторно учествуваше со „Танчарка во мракот“, а во 2002 стана лауреат на специјалната награда Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, кога беше и претседател на интернационалното жири.
Во неговата кариера има работено на над 80 филмови и 15 ТВ-филмови, како „Алиса во градовите“, „Погрешен потег“, „Крал на патот“, на Вендерс, „В затвор“ на Џармуш, „Да се живее и умре во Л.А“, „Танго лекции“, „Луѓе за 24-часовна журка“, „Американскиот другар“, „Париз, Тексас“ кој доби Златна палма во Кан во 1984.