ПОЛИЦИСКА ЗАШТИТА ЗА ДЕЦАТА ШТО ПИТАЧАТ НА РАСКРСНИЦАТА СРЕДЕ СТРУМИЦА, БАРААТ СОВЕТНИЦИТЕ

    ПОЛИЦИСКА ЗАШТИТА ЗА ДЕЦАТА ШТО ПИТАЧАТ НА РАСКРСНИЦАТА СРЕДЕ СТРУМИЦА, БАРААТ СОВЕТНИЦИТЕБројот на децата питачи во Струмица последниве месеци контуинирано се зголемува, ги нема по улиците туку единствено на раскрсницата во центарот на градот, каде има опасност да настрадаат (Фото: СДК.МК)

     

    „Чичко, дај 10 денари нема што да јадам, а и братчето ми е болно. Дај некоја пара“, се најчестите реченици на децата питачи во Струмица, кои секојдневно се врткаат на раскрсницата од булеварите Ленинова и Маршал Тито во строгиот центар на градот, веднаш до трговскиот центар „Глобал“. Извалкани со испокинати алишта и неизмиени лица, децата на возраст до 10 години трчаат на секој застанат автомобил невнимавајќи дали ќе бидат прегазани. Од возило до возило се упатуваат и чукаат по прозорците, барајќи ситни пари за да си купат леб или да однесат дома на своите болни и изнемоштени родители.

    Бројот на децата питачи во Струмица последниве месеци контуинирано се зголемува. Нив ги нема по улиците, туку единствено на раскрсницата во центарот на градот, па возачите мора да внимаваат да не удрат или прегазат некое дете.

    „Поради обврските постојано возам во центарот на градот и мора да внимаваме оти налетуваат од сите страни. На почетокот, од сожалување давав по десетина денари, но сега веќе не оти сметам дека на тој начин ги залажуваме децата да бидат на улицата и да питачат. Сега им укажувам дека може да бидат прегазени, но за жал ги има сѐ повеке“, вели Трајчо Костов вработен во „Глобал“.

    Струмичката полиција вели дека работат во координација со Центарот за социјални работи согласно своите надлежности, но вети дека ќе ги засилат контролите во центарот на градот (Фото: СДК.МК)

    Поради зголемениот број деца кои што питачат, советниците при Советот на општина Струмица разгледувајќи го шесмесечниот извештај на струмичката полиција побараа ангажирање поголем број полицајци  на самата раскрсница за да се спречат несреќи.

    „Мора да се зголеми бројот на униформирани полицајци на оваа раскрсница. Бројот на децата кои бараат пари се зголемува и преставува реална опасност да бидат или удрени или прегазени. Во тој случај ќе одговараат учесниците во сообраќајот, а не децата кои воопшто не внимаваат. Мора да се превземат мерки да не се случи тоа, оти ако се загуби човечки живот ќе биде предоцна. Како полиција мора да разговарате со нивните родители“, вели советничката Зулијана Ивановска.

    Струмичката полиција вели дека за оваа појава работат во координација со Центарот за социјални работи согласно своите надлежности, но вети дека ќе ги засилат контролите во центарот на градот.

    „По претходно изготвен план од Центарот за социјални работи на Струмица се координираме и излегуваме на терен, при што превземаме мерки и активности со цел да утврдиме дали има запуштање и малтретирање на малолетно лице, но  и дали се нарушува јавниот ред и мир“, кусо одговорија до струмичката полиција.

    Лани, на барање на Центарот за социјални работи, а со одлука на струмичкиот суд на четири родители им е одземено родителското право поради негрижа за децата (Фото: СДК.МК)

    Од Центарот за социјални работи во Струмица потврдија дека контроли се прават месечно и дека последниов период е зголемен бројот на деца што се на улица. Според нив, претежно станува збор за деца кои немаат семејна грижа и контрола поради финансиска немоќ на родителите, кои ги тераат да обезбедат денар за прехранување. Како што вели педагогот Наташа Котева, станува збор за деца кои ноќе се во своите домови, а преку денот во различни интервали се на улица најчесто во центарот на градот каде питачат, а пари бараат и од минувачи и од гостите во најблиските кафулиња.

    „Минатата година на наше барање, а со одлука на струмичкиот суд на четири родители им е одземено родителското право поради негрижа за децата. Тие се сместени во домот за деца без родители „11 октомври“ во Скопје. Станува збор за деца за кои родителтие и покрај предупредувањето и надзорот што го имавме не се коригираа, па моравме да интервенираме бидејки на децата им беше загрозено психофизичкото и емоционалното здравје и манефистираа нарушено поведение“, вели Наташа Гркова од Центарот за социјални работи. Таа вели дека децата што се на улица немаат документи за идентификација, не користат здравствена заштита ниту пак се вклучени во образовниот процес.

    Во Центарот велат дека нема точна бројка на децата што се на улица, бидејќи дејствуваат и превентивно. Дел од родителите ја нормализираат семејната грижа за децата, други пак воопшто не се интересираат, поради што им се одзема правото на родителска грижа. Во Центарот велат дека се свесни за овој проблем и бараат вклучување на сите релевантни институции на државно и локално ниво за да се помогне на децата кои се на улица.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари