Телекомуникациската компанија ВИП продолжува со проектот „Интернетот не e само игра. Кликај безбедно…“, а кампањата ја почна денеска од основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово.
„Наша одговорност е децата да бидат сигурни додека ги користат популарните медиуми. Денеска нашите улици се посигурни отколку што е сигурно поминувањето на времето на интернет. Дури и за нас возрасните тоа е голем предизвик, а тоа е опасно и за нашите деца. И натаму ќе промовираме сигурност на интернет, сигурноста на нашите деца, па затоа оваа година ќе го прошириме проектот уште во 12 градови во 20 училиште“, рече Мислав Галер, извршен директор на ВИП.
Партнери на проектот и оваа година се Министерството за образование и наука на Република Македонија, Бирото за развој на образованието, како и менаџментот и наставниот кадар на основните училишта каде се реализираат предавањата.
Министерот Арбер Адеми кажа дека лани капањата дала резултати и дека затоа годинава ќе продолжи со поголем опфат на училишта и ученици, за да се развие свеста кај децата за безбедно користење на глобалната мрежа.
„Сурфањето е забавано и корисно, бидејќи се доаѓа до потребните и бараните содржини. Но, минува и низ доста ризици, како што е можната злоупотреба на личните податоци, интернет измами и друго. Сакам да им се заблагодарам на професионалците од ВИП, кои организираат интересни интерактивни предавања прилагодени за возраста на учениците, каде ќе бидат запознаени со основни поими поврзани со интернетот“, рече Адеми.
Кампањата ја поздравија и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и директорот на училиштето Александар Јовановиќ.
Во рамките на едукативната програма, до крајот на учебната година ќе бидат опфатени учениците од четврто одделение во 12 општини: Битола, Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Прилеп, Неготино и Гевгелија.
С. НИКОЛИЌ