РАСПЕАНИОТ ПАТ ВО ХОЛАНДИЈА Е ЗАТВОРЕН ПО ЖАЛБИТЕ НА ОКОЛНИТЕ ЖИТЕЛИ

    РАСПЕАНИОТ ПАТ ВО ХОЛАНДИЈА Е ЗАТВОРЕН ПО ЖАЛБИТЕ НА ОКОЛНИТЕ ЖИТЕЛИЗвуците се создаваат кога колите минуваат врз стратешки поставените специјални ленти, кои вообичаено се ставаат од страна на патот за да ги предупредат возачите да не излетаат

    Идејата за подобрување на сообраќајот во Холандија со специјални ленти поставени на асфалтот кои ќе отсвират одредена мелодија кога автомобилите минуваат врз нив со одредена брзина, предизвика проблеми на локалното население. Жителите на блиското село во Холандија велат дека постојаната бучава ги излудувала, и дека всушност тоа била психолошка тортура. Според жителите, возачите возеле побрзо за да видат дали мелодијата ќе свири ако двојно ја зголемат брзината.

    По притисокот од локалното население, властите завчера го затворија „распеаниот пат“, само еден ден откако официјално беше отворен. За да свири химната на северната провинција Фрисланд, автомобилите требало да минат со брзина до 60 километри на час.

    Звуците се создаваат кога колите минуваат врз стратешки поставените специјални ленти, кои вообичаено се ставаат од страна на патот за да ги предупредат возачите да не излетаат. Но, по кусо време се покажа дека локалните жители не се среќни со ова решение.

    „Полудевме. Не можеш да седиш надвор, ниту пак ноќе да спиеш“, велат жителите.

    Ситске Пепјес, локалниот министер за инфраструктура и културни работи, кажа дека проектот на патот Н357 е начин да се промовира градот Луварден, годинешниот европски град на културата, а во исто време да тестираат и нови бои за патиштата.

    „Функционира неверојатно добро. Може да се чуе мелодијата. Драго ни е што функционира, но луѓето не треба да бидат несреќни. Другите патишта се многу попогодни за оваа идеја“, рече Пепјес.

    Лентите беа поставени во петокот и чинат 80.000 евра, вклучувајќи го и трошокот за нивно отсранување, кажа портпаролот на провинцијата Фрисланд.

    „Беше експеримент како ќе влијае на однесувањето на возачите. Бев таму лично и ако живеете во близина е непријатно. Идејата е добра, но многу луѓе кажаа дека има многу бучава и дека не можеле да спијат веќе. Сега повторно ќе биде тивко и луѓето повторно ќе може да уживаат“, кажа портпаролот на Фрисланд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира